Со огромен интерес заврши проектот “СКОПЈЕ ВЕЖБА”

Сподели

 

Огромен интерес кај граѓаните побуди проектот „Скопје вежба“ кој во изминативе три месеци го реализира Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Во текот на 44 дена, дури 3.000 граѓани од различни возрасти ја искористија можноста бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование. Се вежбаше гимнастика, аеробик, пилатес, бокс, моторика, јога, голф и фудбал, на 6 локации, под будното око на 20 професори и соработници.

Проектот „Скопје вежба“ кој почна на 17 мај имаше цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма. Вежбите се одржуваа секој работен ден, по 18 или 19 часот, на две локации во Градскиот парк; паркот кај „Три Бисери“ во Аеродром; паркот во Ѓорче Петров; кај Веро Тафталиџе во Карпош и паркот во Чаир. Неделно се организираа по 33 спортски активности.

За дневниот распоред на вежби во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните се информираа на Интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје.

Значајно е да се нагласи дека при изведување на вежбите се почитуваа сите препораки на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за заштита од Ковид 19.

Градот Скопје финансиски го поддржа овој спортско рекреативен и забавен проект со 500.000 денари.