Заев: Ќе се брише зборот бугарски од описот за „фашистички окупатор“

Сподели

 

Во учебниците по историја, ќе се менуваат термините каде што бугарската нација се поврзува со фашистички окупатор, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

-Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата. Се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработка и добрососедство, нормално, очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено одредени слабости и во бугарските учебници, спремни се исто така и од бугарската страна тоа да го направат, зашто така се гради пријателство, наместо да оквалификувате цела една нација за одредена определба во тоа време, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Исто така кажа и дека голем дел од спомениците што ги има и во Бугарија и во Македонија треба да бидат во пријателски дух, така што, посочи, фашизмот не смее да има етничка димензија.

„Не смее фашизмот да има етнички димензии. Кај одредени некои наши споменици веќе тоа е направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор, сега веќе е фашистички окупатор, бидејќи не можете нација да обвините за учество во третиот пакт во тоа време. Музеите ни се во ред, туку одредени споменични целини и одредени учебници и во Северна Македонија и во Бугарија, ќе треба да духот на пријателството да ги учиме следните генерации“, изјави Заев.

На овие изјави реагираше екс-амбасадорот на Македонија во Бугарија, Ѓорѓи Спасов,  дека од спомениците и од учебниците ќе се брише описот „бугарски“ пред  фашистички окупатор. Тоа не можеме да си го дозволиме поради жртвите од фашизмот.  
 
„Имало ли бугарски фашисти во Македонија во време на Втората светска војна, како што имало и италијански фашисти и германски нацисти и фашисти? Имало. И тоа е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници, изјави Спасов.
 
Исто така и претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, во вечерашното гостување на телевизијата „Канал 5“ изјави дека не треба да се прават никакви отстапки во преговорите со Бугарија, затоа што, според него, историските факти не можат да се ревидираат.
 
-Историските факти не можат да се ревидираат со политичка одлука. Бугарија била окупатор на оваа територија во тоа време и сакала да се претстави како ослободител. Тоа не може никој да го избрише од меморијата и пишаните факти, изјави Трајанов и додаде дека Демократски сојуз има сосема кристални ставови околу релациите со Бугарија.
 
“Ние сме за платформа, имаме црвени линии и ниту една остапка не треба да правиме наспроти Бугарија“, додаде Трајанов.