Филипче, Корнхаузер, Ѓоргиевска: Донација на 200.070 вакцини од Полска за РС Македонија

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче заедно со првата дама на Република Полска, Агата Корнхаузер-Дуда и првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, го посети Институтот за трансфузиона медицина, кадешто се складирани 200.070 вакцини од производителот „Фајзер/Бионтек“ кои Република Полска ги донираше на Република Северна Македонија.

 

 
„Во последните месеци живееме во натпросечно тешка ситуација предизвикана од коронавирусот, непријател кој ги напаѓа народите во целиот свет. Во тој контекст, сметам дека меѓународната соработка е од особена важност, бидејќи само со помош на меѓународната соработка можеме да се бориме со овој непријател. Ме радува тоа што за време на оваа официјална посета на Северна Македонија можам да предадам 200 илјади дози вакцини од производителот Фајзер, како донација за македонскиот народ“, изјави првата дама на Република Полска, Агата Корнхаузер-Дуда, упатувајќи апел за сите оние кои не се вакцинирани, да го дадат својот придонес за постигнување на колективен имунитет и да се вакцинираат.
 
Првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, истакна дека оваа донација е уште една потврда за пријателството меѓу македонскиот и полскиот народ, но и чин на солидарност којшто ни е неопходен за време на оваа глобална криза.
 
 
 
 
„Во изминативе две години, верувам дека секој од нас имал некој во своја близина кој бил болен од Ковид. Верувам и дека голем број од нас загубија блиски луѓе, роднини, пријатели. Затоа, сметам дека со оглед на сите податоци коишто постојат и коишто ни се достапни, само вакцината е единствен излез од оваа ситуација. Би сакала да ги охрабрам сите кои немаат примено вакцина, заради себе, заради нивните блиски и заради сите во околината да ја примат што побрзо, бидејќи повторно се соочуваме со голем број заболени секојдневно. Само со вакцинацијата, односно со масовната имунизација ќе постигнеме излез од оваа криза“, рече таа.
 
Министерот за здравство, доктор Венко Филипче изјави дека овие две години покажале колку всушност се важни помошта и солидарноста од другите земји, истакнувајќи дека Полска е меѓу првите земји коишто го најавиле механизмот на солидарност и донација на вакцини.
 
„Со оваа значајна количина од 200 илјади вакцини од производителот Фајзер, нашите количини во овој момент практично се дуплираат, односно имаме вкупно 470 илјади вакцини. Ова е сосема доволно за краток временски период, согласно новите мерки кои верувам дека Владата ќе ги усвои, граѓани да се вакцинираат и да спречат повторно да растат бројките и повторно да се соочиме со голем број заболени, а со тоа да се оптоварат болничките капацитети“, изјави Филипче.
 

„Верувам дека граѓаните ќе сфатат дека сите овие мерки кои не е лесно да се препорачаат, се неопходни да го заштитиме здравствениот систем, да ги и заштитиме здравствените работници кои неуморно скоро две години, интензивно, без прекин работат деноноќно, а ние пренаменуваме други одделенија во ковид центри, со цел да се заштити и државата и здравствениот систем“, заврши тој.