Од „No name“ компјутери до онлајн-судење

Сподели

 

Ако детално се погледне  Функционалната анализа на основните судови во РСМ претставена во ноември 2021 година, а со цел да се стекне вистинската слика со ИТ – опрема во судството, може да се сретнат и бизарни податоци кога се набројува постојната опрема во судовите, се наведува се вели во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во правосудството под наслов: „На правосудството му е потребна финансиска „бустер“ доза“, пишува вистиномер.мк

Само како случајно избран пример во Извештајот ќе биде издвоен Основниот суд во Охрид. Во описот за хардверска опрема, во делот на компјутерите, наведени се 89 работни станици (веројатно десктопи, зашто за лаптопи судот не доставил податоци). Набавени се во периодот од 2006 до 2019 година. Најновите набавки се извршени во 2018 и 2019 година на 22 работни станици Lenovo.

Но, она што е сликовит опис на фрагментираноста при набавките и состојбата со ИТ- опремата, секако е впечатливиот податок дека во овој Основен суд постојат 13 компјутери означени како „No name“, повeќето набавени во 2008 година и 2 набавени во 2016 година!

За среќа, во функционалната анализа, освен овој пример, не може да се сретнат други делови од ИТ-опрема во судството кои се „Но нејм“.

Друг, но спротивен пример, е Основниот суд во Кавадарци. Иако самиот суд навел дека му е потребна опрема, особено во делот на серверското решение кое е од 2014 година, сепак, со постојната просечна опременост со компјутери и софтвер, во текот на 2020 година, поради пандемијата и препораките за заштита, успеа да го спроведе првото онлајн-судење во судската историја на РСМ за кривично дело „разбојништво“.

СТРАТЕГИЈАТА НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ СПРОВЕДЕ СО ПОСТОЈНАТА ИКТ-ОПРЕМА

Во заклучоците од оваа Функционална анализа на основните судови во РСМ, во однос на ИКТ, се наведуваат и следните алармантни заклучоци:

Доставата на писмена до странките е предизвик за основните судови и влијае на ефективноста во судските постапки. Електронското поврзување на судовите е сѐ уште нефункционално, освен за регистрираните адвокати, нотари, извршители и странки во постапката кои комуницираат преку електронска адреса. Доставата на пресуди, покани за рочишта, одлуки, потврди, уверенија и слично се врши лично преку пошта или преку доставувач на судот. Постои потреба од анализа на досегашната примена на процесните одредби и утврдување на причините за отежнатото вршење на уредна достава од судот… Електронската достава ја користат странките и адвокатите што се претходно регистрирани на судскиот портал и кои поседуваат електронски сертификат за идентификација, при што комуникацијата е еднонасочна, односно само од основните судови до странките и адвокатите. Проблематично е што оваа комуникација е еднонасочна и адвокатите и странките не можат да доставуваат писмена до основниот суд, што влијае врз ефикасноста и економичноста на судот (Заклучоци 4 и 5 од Анализата на стр. 381 и 382).

Како и заклучокот, кој укажува на техничките срества како фактор за остварливоста на целите на ИКТ-стратегијата:

Основните судови имаат застарена информатичка опрема, која не ги задоволува потребите за воведување нови ИКТ-системи. Врз ефикасноста влијае и хардверската опрема, која во најголем дел од судовите е застарена и неисправна и ја отежнува примената на софтверските решенија што се користат во судовите и ја ограничува примената на нови ИКТ-процеси (Заклучок 7 од Анализата, реф.13 и 28, стр. 382).

Во однос на ИКТ- Стратегијата и ефикасноста и достапноста до правдата преку дигитализацијата, мислењето на експертите од фокус-групата е дека треба особено да се внимава при процесот на дигитализација во делот на онлајн-судењата. Според овие мислења, дигитализацијата ќе биде особено корисна во делот на услугите и поврзувањето меѓу самите судови, како и на судовите со другите институции, но во делот на онлајн-судењата постојат и практични и етички прашања. Од водењето на судската постапка и пречките во процесните дејства, вкрстено испитување, заштитени сведоци и слично, до пристап до доказите и материјалите поврзани со процесот.

Впрочем, внимателноста се сугерира и во препораките од Европската комисија за ефикасноста на правдата при Советот на Европа СЕРЕЈ, која во 2018 година усвои Етичка повелба за примена на вештачка интелигенција во судството, која почива врз 5 принципи, а од кои првиот е директно поврзан со почитување на човековите права:

Принцип на почитување на фундаменталните права: да се обезбеди креирањето и примената на електронските алатки и услугите да бидат компатибилни со основните права.

На оваа тема истото тело на Советот на Европа се навраќа и во 2020 година, во Декларација насловена „Научени лекции и предизвици за правосудството за време и по пандемијата со ковид-19“, при што истакнува дека:

ИТ-решенијата како што се онлајн-сервисите, сослушување на далечина и видеоконференции, исто како и алатките од идниот развој на дигитална правда, секогаш мора да ги почитуваат основните права и принципите на фер судење

ПОТКРЕПА ОД ДОМАШНИ СРЕДСТВА ОД НАД 1,5 МИЛИОН ЕВРА ЗА 2022

Имајќи ја предвид постојната лоша состојба со ИКТ во судството и обвинителството, Министерството за правда и Министерството за финансии за 2022 година предвидоа поддршка од домашниот буџет од над 1,5 милион евра, кои се наменети за нова хардверска опрема, пред сѐ, сервери, но и други средства за сите судови.

Судијата Лазар Нанев, кој го предводи процесот на дигитализацијата уште во септември 2021 г., на Конференција посветена на дигитализацијата прецизира дека:

За 2022 година се предвидени набавки на 800 компјутери, 650 принтери, 270 скенери и фотокопири, со кои ќе бидат освежени судовите на сите нивоа во државата.

Нанев тогаш најави дека до крајот на годината се планира како дел од дигитализацијата да бидат поврзани најмалку 15 институции од вкупно 85, со кои судовите комуницираат на секојдневна основа, унапредување на АКМИС системот, процес што тече, што ќе доведе до прецизни статистички показатели за работата на судовите и судиите врз предметите во судството, развивање систем за Е-достава, која сега од еднонасочна ќе стане двонасочна 100 проценти, и развивање на мобилната апликација Е-суд, која ќе им овозможи на сите странки во постапката да го следат текот на постапката, закажани рочишта и приложени докази, до степен што ќе се смета за безбедносно прифатлив.

Од Министерството за правда за потребите на овој извештај посочија дека до крајот на 2021 година може да се констатира дека е завршено со тендерската постапка и почната е набавката и инсталацијата на опрема за пет пилот-судови со помош на средства од Мисијата на ОБСЕ, а дека паралелно тече и ентериерното уредување на судниците во петте суда со финански средства од Судскиот буџет. Министерството уште нагласува дека се соочило со поништување на тендерот за јавна набавка во два случаја „поради недостиг на ИТ-опрема согласно техничките спецификации“, предизвикано од глобален интерес за набавка на ИТ-опрема, а намален процес на нејзино производство, поради што се пролонгирал процесот поради „барање алтернатива за нивна замена“.

Во однос на опремувањето на другите судници во 34 суда низ државата Ве известуваме дека исто така целосно е започнат процесот на тендерирање од страна на донаторот, целосно се обезбедени и анализирани податоците што се однесуваат на потребната спецификација за секоја судница одделно. Ковид-пандемијата го пролонгира процесот на набавка на опремата. Во почетокот на следната година, јануари 2022, се очекуваат четворица ИТ-експерти од странство, ангажирани од донаторите, да бидат присутни заради дефинирање на спецификацијата и целосна анализа за понатамошно отварање и распишување тендери за набавка на опремата, се наведува во одговорот на Министерството за правда.

Оттаму потврдуваат дека „90 милиони денари или 1,5 милион евра се предвидени за набавка на серверите за сите судови, со тоа што во тек е тендерот за нивната јавна набавка. 90 милиони денари кои се предвидени за овој тендер се префрлуваат и за наредната година, а дополнително од буџетот за 2022, за хардверска, серверска и софтверска опрема се обезбедени уште 20 милиони денари“.

Процесот за дигитализација, од кој зависат и другите параметри по кои се оценува правосудството, очигледно е тргнат од „мртва позиција“ и е ветувачки. Секако, ова е многу сложен процес и нема да се одвива со огромна брзина токму поради сложеноста, а еден од предизвиците, според експерт од фокус-групата, ќе биде и неопходната промена на законодаството заради усогласување со процесот на дигитализација. „Ќе бидат неопходни усогласување и измени во над 200 закони во државата, а од Министерството за правда очекуваат целиот тој процес да заврши во јуни 2022 година, што е многу голем предизвик“, ни посочи експерт од фокус-групата, што јасно укажува за колку сложен процес станува збор.