По поразот од Португалија, Македонија останува без настап на Светско првенство во фудбал

Сподели

 

Фудбалската репрезентација на Македонија не успеа да ја помине последната пречка што ја делеше од настап на Светското првенство во Катар. Со резултат 2:0 заврши финалниот меч од баражот помеѓу Португалија и Македонија што вечерва се одигра на стадионот „Драгао“ во Порто.

Стрелец на двата гола беше португалскиот репрезентативец и фудбалер на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш. Првиот подогок беше постигнат во 32-та минута, а водството удвоено во 65-та минута од натпреварот.

Португалија доминираше на теренот и ја контролираше играта, додека македонските фудбалери не создадоа ниту една шанса за гол.

Македонија никогаш не била поблиску до настап на Светско првенство во фудбал. Во овие мундијалски квалификации успеа да ги победи двете најтрофејни европски селекции во светот – Германија и актуелниот европски првак Италија, која по вторпат остана без настап на еден Мундијал.

Честитки за фудбалерите упати претседателот Стево Пендаровски, кој ги нарече „македонска гордост“ и „херои“.

„Со пласманот на Европско ја испишавте историјата на македонскиот фудбал. Ве чекаме дома како победници, зашто победивте во идејата да се претставите најдобро, а со тоа и да нѐ направите горди“, напиша Пендаровски на Твитер.

 

Следно за нашиот национален тим е Лигата на нации, која стартува во јуни.

Светското првенство во Катар, пак, е предвидено да започне на 21 ноември.