АНА БУНТЕСКА – Моето СЕГА и твоето ЗА МАЛКУ

Сподели

Прави ги нештата ко ќе ти дојде
не чекај совршен момент
не чекај коцките да се наместат
или месечината полна да е
налет ако ги бркаме идеалните услови
и само пред себе се оправдуваме со
…за малку ќе дојдев
за малку ќе те гушнев
за малку…
ќе те бакнев
ќе ти кажев дека те сакам
ќе ти се јавев
за малку…
од тоа “за малку” си патиме
ете од тоа љубови пропаѓаат
и пријателства згаснуваат
од твоето-за малку-пократки за убост останавме
сакам бре ко ќе ти дојде да ме побараш
па што ако сум на состанок?!
и што ако во моментот под туш сум
небаре којзнае што ќе се случи!
сакам ко ќе ти дојде да ме изгушкаш
ко да не сме се виделе два века
и баш ми е гајле ако е среде улица
или во преполна кафеана
или бакни ме, да му се невиди!
не чекај сами да сме
не чекај!
ништо не чекај
а особено не совршено време
оти тоа само во главите ни е
не постои
ете така, ако не си знаел
го нема!
од “за малку” светов на глава ќе ни се урне еден ден
да, не се смеј
од тоа сме исфрустрирани и тажни
уморни и без живот
оти времето си оди
а со него и ние полека заминуваме
и ко ќе видиш
еден цел свет зад себе сме оставиле да чека
и “за малку” низ раце сме го испуштиле
така е тоа, драги мој
така те отсакав
во тој јаз од моето СЕГА и твоето ЗА МАЛКУ
за толку многу малку колку што требаше за да те љубам
и твоја да бидам
покрај тебе да останам
со горчлив вкус во устата те оставам
од само два збора и неколку сиромашни букви
за да ги џвакаш
за ништо
за ќеф
за малку…за многу, многу малку
за онолку малку колку што многу празнина ни остана