АНАЛИЗА: Се сопнуваме нa секој камен?! – Мерсел Биљали

Сподели

 

Мерсел Биљали

Како да сме навикнати да се давиме во плитки мисли! Нам и дијамант да ни подарат, ние веднаш ќе фатализираме, драматизираме и хистеризираме дека се работи за некаква опасна проклетија и треба веднаш да го одбиеме. Во однос на уфрлениот пробен балон – Европска Економска Зона, слушаме сѐ и сешто. Дека со тоа ќе ни се затворат вратите на ЕУ, дека ќе мора да бидеме брана за идните бегалци и емигранти и многу што од арсеналот на убавата колекција ножеви зад грб.

А малкумина знаат дека Европската Економска Зона е формирана во 2004 година, како спогодба меѓу ЕУ и земјите членки на ЕФТА (Европска слободна трговска асоцијација). ЕФТА е формирана во 1960 година, а нејзини членки станаа повеќето од развиените европски држави пред да станат рамноправни членки на ЕУ, како Данска, Шведска, Велика Британија, Ирска, Португалија, Австрија итн. Подоцна откако членките на ЕФТА стана членки на ЕУ, таа организација се трансформира во ЦЕФТА оти ги опфати централните европски држави, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Словенија, и повеќето други држави кои во 2004 година групно стана членки на ЕУ. За тие централно-европски земји, Титовата Југославија беше Америка, а за 30 години сите тие стана Америка за нас. И не им пропадна членството во ЕУ затоа што членувале во ЦЕФТА, туку напротив, се качија на екпресен воз за ЕУ. А ние сиве овие години имаме катастрофално владеење кое се изроди од катастофалната приватизација, продолжуваме да страдаме катастрофално. Оти како гласачи им го подаривме срцето ним, кои имале потреба за мозок! Или за морал.

Кога ќе направиме сериозни анализи за тоа што сѐ добиваме од Европската Еконосмка Зона, не треба ни секунда да чекаме, туку веднаш да трчаме по неа. Тоа ни е спасот, пред некој овде да го изгасне светлото како последен жив човек што ќе ја напушти оваа несреќна држава. Членството во Европската Економска Зона е фактично членство во ЕУ, но без учество во органите на ЕУ. И подобро оти поинаку ќе се брукаме со тоа кого сѐ можеме да пратиме таму. Истовремено, со тоа се амортизира и Западно-балканската унија, чиј развој е толку важен за мирот и безбедноста на регионот и пошироко.

Значи, со евентуално вклучување во ЕЕЗ, што и воопшто не е толку лесно, ние не ја откриваме Америка, ниту топлата вода, туку го правиме тоа што го правеле сите држави кои денес се членки на ЕУ. ЕУ можно е во момент и да искочи со ваква понуда, но утре ќе ни замине возот. А општото добро се состои од среќата и благосостојбата на поединците. Работа која ние тешко ја сфаќаме. Или не сакаме да ја сфатиме. Со години се сопнуваме на ист камен, а ако тоа ни се сличува повеќе од три пати, тогаш не е проблемот кај каменот.

Исто така треба да знаеме дека наредните години ќе бидат многу посложени за ЕУ, оти се очекува во Италија да дојде на власт еден Салвини (близок со Путин), а во Франција Марин Ле Пен која не е далеку од идеологијата на Борис Џонсон, и тогаш што и да бараме ќе биде невозможно, а нема и да ни треба!