Димитров-Аселборн: „Ни претстои клучен период за одлука и јасна перспектива“

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес во Скопје оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија.

 

 

Главниот фокус во разговорите беше ставен на европските перспективи на Северна Македонија и очекувањата од престојниот Совет на ЕУ. МНР Димитров го запозна соговорникот со суштествените и одржливите реформи во клучните области идентификувани од страна на Советот на ЕУ во своите заклучоци од јуни 2018 година, а препознаени и потврдени во привремениот извештај од Европската комисија на 2 март 2020 год.

МНР Димитров притоа истакна: „Ни претстои клучен период за одлука и јасна перспектива. Една латинска поговорка вели “Fortes fortuna adiuvat”- среќата им служи на храбрите. Поминавме период во кој презедовме храбри чекори и донесовме храбри одлуки. Имаме нова предлог методологија за пристапни преговори, ажуриран Извештај од Европската Комисија што недвосмислено и јасно го препознава напредокот и ја потврдува препораката за почеток на преговорите. На ред е ЕУ да возврати со одлучен чекор во насока на заеднички успех со нашите пријатели од Европа. Благодарни сме за принципиелната, недвосмислена и конзистента поддршка од Луксембург, и особено за мудроста и искрените напори на мојот драг колега Аселборн за постигнување на европскиот консензус. “ Од страна на гостинот беше поздравена силната посветеност на Владата на Северна Македонија за спроведување на реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата. Притоа го истакна донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како уште еден јасен сигнал за посветеноста на земјата кон европските вредности. Тој ја реафирмираше силната поддршка на Големото Војводство Луксембург за донесување одлука за отпочнување на преговорите со нашата земја во најскоро време.

Двајцата министри уште еднаш констатираа дека Северна Македонија и Луксембург негуваат блиски и отворени билатерални односи со задоволителна динамика на политички дијалог, но со потреба за интензивирање на економско-трговската соработка преку привлекување на странски инвестиции. Дополнително, беа разменети мислења и околу актуелните случувања со мигрантите на границите на ЕУ.