Требиште во североисточна Албанија изгледа како село на духови, испразнето од своите жители поради напливот на барања за бугарски пасош кој им ја отвора вратата на ЕУ, пишува агенцијата Франс Прес (АФП)
Арман Кадриу има албанско име, но ова 12-годишно момче се смета себеси за Бугарин.
„Не сакам да останам тука и да чувам крави. Сакам да играм фудбал“, вели тој, целиот препотен додека си игра со топката на правливиот пат во селото кое се наоѓа во регионот Голо Брдо.
„Во Англија, со бугарски пасош, тоа е можно“, вели тој, и на бугарски ни довикува „Довиждане!’“
Бугарија и Албанија немаат заедничка граница. А во Албанија, каде тукушто се разгледува закон за малцинствата, нема Бугари меѓу етничките малцинства, за разлика од Грци, Македонци и Срби и Црногорци.
Етничката припадност на историски словенските јазични заедници во делови на источна Албанија долго беше флуидна и оспорена- соседна Македонија тврди дека тие се етнички Македонци.
Но, според Државната агенција Бугари во странство, која помага да се добие пасош, бугарски семејства се населиле во Албанија уште од 5. век, и нивните наследници се дел од бугарската дијаспора.
Не постои статистика, но бугарските организации во Албанија проценуваат дека постојат околу 100 илјади Бугари.
Секој ден нови кандидати
Европскиот парламент навидум се согласува: во февруари, тој побара од Тирана „да ги вметне во закон и да ги примени во пракса правата на луѓето од бугарско етничко потекло во Преспа, Голо Брдо и Гора“.
Оваа препорака „ни даде нова надеж. Секој ден 7-8 луѓе доаѓаат да прашаат за добивање на бугарски пасош“, вели Хаџи Пируши. Тој го предводи здружението „Напредок Голобрдо“, која им издава признанија за бугарско потекло на Албанците и е признаена од владата во Софија.
Сместен на рид, Требишта е заспано место. Неколку луѓе го минуваат денот на терасата на барот „Демократија“, додека други ја обработуваат земјата. Младите луѓе најчесто патуваат три километри на македонска страна во потрага по привремена работа.
Селото некогаш имало 6 илјади жители, „но повеќе од 2,5 илјади заминаа пред 4-5 години кога добија можност да земат бугарски пасош“, вели жителот Тахир Муцина. Во соседното село Вернице речиси и да нема никој останато, додава овој 31-годишник.
Текстот во целост прочитајте го тука