DW: Во АУДИ претрес поради сомневања за манипулации со вредностите на издувните гасови на возилата

Сподели

Во централата на Ауди и други деловни простории на концернот во Германија, од изутринава се врши претрес поради сомневања за манипулации со вредностите на издувните гасови на возилата слични како кај Фолксваген, јавува Дојче веле.

Рациите во централата на Ауди во Инголштат, како и во просториите на концернот во Некарсулм, почнаа само неколку часа пред годишната прес-конференција, закажана за денеска. „Обвинителствата Минхен и Штутгарт денеска вршат претрес во канцелариите во Инголштат и Некарсулм“, изјави портпарол на Ауди. Тој бара да се има разбирање што во моментов „не можеме да се изјасниме околу содржината на истрагата, со оглед на тоа што станува збор за постапка која е во тек“. Од Ауди се тврди дека целосно се соработува со властите, поради тоа што, како што се вели, „и ние самите сме многу заинтересирани за расчистување на работата“.

Според информации на „АРД“ и на „Зиддојче цајтунг“, полицијата спроведува рации поради истрагата околу издувните гасови на возилата на Ауди. Претрес се врши и во други места во покраината Долна Саксонија и Баден Виртемберг, како и во приватни домови на вработени во концернот, тврдат овие медиуми. Истрагата досега се води против непознато лице, а во акција се околу 80 полициски службеници и обвинители, тврдат „АРД“ и „Зиддојче цајтунг“.

Иследниците се надеваат дека рациите ќе донесат сознанија околу тоа дали и колку вработени во Ауди учествувале во манипулации со вредностите на издувните гасови на возилата. Имено, постои сомневање дека инженерите на Ауди во развојот на дизел-моторите за американскиот пазар слично го манипулирале софтверот за регулација и прочистување на издувните гасови како и нивните колеги од Фолксваген. Концернот Фолксваген е концерн-мајка на марките Ауди и Фолксваген.

dw.com