Заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет кажа дека очекува Северна Македонија да го продолжи европскиот пат.
На прашање дали победата на ВМРО-ДПМНЕ и големата загриженост за иднината за Договор од Преспа, и натаму верува дека патот кон Европа за земјава ќе продолжи, изјави дека добил уверување од победничката партија.
„Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат“, одговори Ескобар, дополнувајќи дека нема друга алтернатива.