Денот на Европа, 9 мај, годинава, како 68-ми роденден на ЕУ, Делегацијата на ЕУ во Македонија ќе го одбележи со настани во неколку градови во земјава.
На 9 мај ќе се слави во Куманово, Крива Паланка, Дебар, Кавадарци, Кочани, Гевгелија, Охрид, Гостивар, Тетово, Велес, Струмица и Битола. Инфо точките на ЕУ на универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Универзитетот на ЈИЕ во Тетово и Битолскиот универзитет ќе ги вклучат студентите во дискусии за европската иднина на земјата. Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар и други амбасадори на земји-членки на ЕУ ќе учествуваат на прославите и ќе ја пренесат пораката за заедничка иднина.
Централен настан на програмата за Денот на Европа е „ЕУ паркот“, што ќе се одржи во Штип на 12 мај, во присуство на премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Штип, Благој Бочварски и амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар. На настанот ќе се одржат презентации на сите земји-членки на ЕУ од страна на студентите на универзитетот во Штип, спортски активности, како и музички изведби на популарни уметници.
За одбележување на Европската година на културно наследство, ќе се одржи изложба на фотографии од локации на културата во земјата и ЕУ, за што повеќе информации може да се најдат тука.
Делегацијата на Европската Унија поддржува и други настани за Денот на Европа, како што се Скопскиот маратон, годишната матурска парада, дебати и натпревари за деца и студенти организирани од Европското движење во Скопје, Велес, и Куманово, како и бројни културни настани.
Денот на Европа е одбележување на годишнината од историскиот говор одржан во Париз во 1950 година кога Роберт Шуман, тогашен француски министер за надворешни работи, ја претставил идејата за нова форма на политичка соработка во Европа, со која војните помеѓу народите во Европа ќе станат незамисливи.