На барање на Секцијата на спортски новинари при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за обезбедување на непречено присуство на новинари за време на спортски натпревари, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се обрати до ЗНМ со известување дека е подготвен нов протокол.
За ЗНМ, во формален допис Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, извести: „поради фактот што протоколот е жив документ кој треба да се адаптира согласно реалната ситуација на терен како и расположливата инфраструктура на стадионите низ државата, ФФМ изготви нова верзија на Протокол која веќе е доставена до Комисијата за заразни болести на одобрување“. ФФМ дополнително информира дека бројот на новинари, фоторепортери и сниматели е зголемен и истиот доколку се одобри од Комисијата ќе стапи веднаш на сила до сите клубови и ќе биде објавен на веб страната на Федерацијата.
Секцијата на спортски новинари при ЗНМ во текот на месец август се обрати до ФФМ и Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство откако до ЗНМ беа пристигнати поплаки од новинари дека не им бил дозволен влез да известуваат од спортски натпревари.
ЗНМ и понатаму ќе ја следи состојбата на сите организатори на спортски натпревари во државата дали истите ја попречуваат работата на новинарите но и дали истовремено преземаат мерки за нивна безбедна работа во поглед на пандемијата преку кои се гарантира здравјето на медиумските работници.