Филипче побара консензус и обединетост за новиот Клинички центар

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја повика опозицијата да го одблокира донесувањето на новиот Закон за клинички центар, за кој има поднесено 2.000 амандмани, бидејќи граѓаните заслужуваат нов и модерен клинички центар каде што на едно место ќе ги добиваат сите здравствени услуги, што е тренд во светот.

Тој рече дека од членот на опозицијата во парламентарната Комисија за здравство, Илија Димовски, пред две години кога разговарале добил конструктивни предлози и во таа насока очекува да продолжат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ, кои го обвинуваат за високата сума од 500 милиони евра за изградба на новиот Клинички центар.

Висината на сумата за болницата, за која Филипче е на мета на критики од страна на опозицијата, министерот објасни дека произлегува од ревидираната физибилити студија.

Филипче објасни дека старата физибилити студија од 2009 година, била ревидирана во 2019 година преку донација од австриската влада.

 

 

Ревидираната студија предвидела клиничкиот центар да се гради во три фази со клуч на рака, по што следуваше тендерската постапка. На тендерот се пријавиле четири компании, а во останале две, француската „Буик“ и германската „Ванет“.

„Овие две компании имаат експертиза во две различни области, за изградба на болницата и за нејзино менаџирање. Бидејќи се врвни и експертизата може да ја пренесат и на домашните компании, решивме да ги задржиме двете“, рече Филипче.

Но, за да може тоа да се направи, како што вели Филипче, потребен е „лекс специјалис“, односно посебен закон.

„Законот за нов клинички центар има две цели, првата е да дозволи заедничка понуда на две врвни европски компании, со цел задржување на компаниите и искористување на експертизата. И второ ангажирање на независна финансиска институција да направи анализа на понудата на овие две компании. Сметам дека овој закон е можност да не ги изгубиме овие две компании,“ рече Филипче.

Болницата е предвидено да се гради на 110.000 метри квадратни во општина Ѓорче Петров, а според понудата, цената е 4.000 евра за метар квадратен во кој е вклучено функционална зграда и медицинска опрема.

Во цената од 500 милиони евра, како што објасни Филипче, е вклучено проектирање и изведбата, односно клуч на рака.

Тој додаде дека никогаш не сме биле поблиску до реалноста за реализација на ваков комплексен проект, кој следниот период треба да биде јавно презентиран. Оттука, рече Филипче, потребна е обединетост и консензус со сите политички партии, бидејќи пандемијата покажа дека здравјето е врвен приоритет.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ испратија соопштение до медиумите во кое велат дека министерот за здравство треба да изработи проект, па потоа да бара заем.

„Сега Филипче сака да се изгласа закон за заем од 503 милиони евра за проект кој е само во неговата глава“, велат опозиционерите. Оттаму додаваат дека нивниот претседател Христијан Мицкоски, на неговата последна средба со премиерот Зоран Заев, предложил наместо нов клинички центар да се реновира постоечкиот, што според нив би чинело околу 100 милиони евра. Исто така, сметаат дека треба да се изгради поебен ургентен центар спроти „Жан Митрев клиника“ во Скопје. Дополнително, предлагаат да се изградат уште три универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола.