Грција ја продолжи забраната за влез на државјани на Северна Македонија

Сподели

 

Од денеска на сила е најновото од продолжувањата на забрани за влез во Грција на голем број земји, меѓу кои и државјани на Северна Македонија.

Забраната за влез во Грција за државјани на трети земји, како и привремените ограничувања на копнените граници со Северна Македонија, Албанија и Турција, е продолжена од 15 септември. Туристите и странските државјани за кои не постои забрана во Грција може да влезат само преку граничниот премин со Бугарија, Кулата-Промахонас, но мора да имаат негативен тест за ковид-19 направен најмногу 72 часа пред пристигнувањето.

На другите гранични премини што се отворени, односно Какавија и Кристалопиги кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Нимфеа кон Бугарија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР тест.

Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.