Хелсиншкиот комитет за човекови права го осуди нападот над поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, извршен од страна на дедото на починатата Тамара Димовска.
„Сметаме дека ваквите напади не доведуваат до никаква разврска, туку напротив, можат да предизвикаат немири од поголеми размери. Оттука, се спротивставуваме на овој инцидент, но и на сите други кои како форма на реакција го имаат насилството“, се вели во соопштението.
Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека селективна правда која беше и уште е спроведувана од страна на јавното обвинителство и на судовите доведе до апсолутна недоверба на граѓаните во правосудниот систем.
„Сметаме дека ваквиот настан е токму последица на неефикасната истрага и отсуството на санкции за виновниците за смртта на Тамара Димовска, кои беа блиски до тогашната партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Имено, Јавното обвинителство покажа целосна интертност во случајот на малолетната Тамара Димовска. И покрај тоа што во конкретниот случај осомничените лица се познати, јавното обвинителство подолго од 2 години нема доставено одговор дали ќе поднесе обвинителен акт против овие лица“, стои во соопштението, во кое се бара институциите итно да ги санкционираат сите сторители на кривични дела, вклучително и за конкретниот настан.
Хелсиншкиот комитет исто така побара итен одговор од Јавното обвинителство за исходот од постапката поведена за малолетната Тамара Димовска и најавија дека ќе поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права за повреда на ефикасност на истрагата и правото на пристап до суд и правото на реална жалба.