Индонезија: Пронајдени 52 лични карти на патниците од паднатиот авион

Сподели

Спасувачките екипи во Индонезија сè уште трагаат по жртвите од авионската несреќа што се случи во неделата, кога патнички авион на авиокомпанијата „Lion“ на летот JT610 падна во морето кај Западна Јава, јавува Anadolu Agency (AA).

Авионот од типот „Боинг 737 MAX 8“ со 189 патници и членови на екипажот се урна во неделата наутро и тоа само 13 минути по полетувањето од Џакарта кон Пангкал Пинангу.

Во потрага по трупот на авионот е вклучен брод на индонезиската морнарица, кој со сонарно скенирање на длабочина од 32 метри откри остатоци со должина од 22 метри.

Сè уште не е потврдено дали станува збор за трупот на авионот, а претставници на индонезиските служби соопштија дека биле регистрирани и првите сигнали од црната кутија.

Индонезискиот министер за транспорт, Буди Карја Сумади, соопшти дека поради несреќата е суспендиран техничкиот директор на компанијата „Lion“, како и неколкумина членови на техничкиот тим.

Од Агенцијата за спасување и потрага (БАСАРНАС) претходно соопштија дека на местото на несреќата се пронајдени лични карти на 52 лица.

На местото на несреќата се пронајдени и посмртните остатоци на најмалку 37 лица, а идентификацијата на жртвите ќе се изврши врз основа на ДНК-примероци од блиските.

Местото на несреќата вчера го посети и индонезискиот претседател Јоко Видодо.