Ингеренциите на шефот на полицијата го кочат договорот

Сподели

protestiram2-860x680

Дали денеска ќе има преговори на работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино зависи од тоа дали амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, ќе оценат дека има шанси конечно да се постигне договор. Од извори во преговарачките тимови дознаваме дека се чека добра волја кај лидерите на партиите да дојдат до компромис околу горливото прашање, а тоа се ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада која најверојатно ќе се формира 100 дена пред предвремените парламентарни избори. Тие, според партиските брифинзи, би се одржале кон крајот на ноември или на почетокот од декември.

Како што се дознава, СДСМ бара министерот за внатрешни работи да ги има сите ингеренции што му приѓаат на првиот човек на полицијата, меѓу кои се и кадровски промени, промени во раководните структури и слично, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на ингеренции со поделени надлежности со заменскиот министер.

Лидерска средба, тврдат преговарачите, во оваа фаза не е планирана.

Четирите партии засега се согласни да нема трет избирачки список, туку 40.000 спорни гласачи да се проверуваат прво теренски, а потоа самите да се пријават во Државната изборна комисија. Ако не се пријават до одреден временски период, тие ќе бидат избришани.

На два списока ќе бидат поделени другите гласачи – македонските државјани што живеат во Македонија и државјаните на Македонија кои се на привремена работа во странство или се иселеници.

Предлогот за ад хок комисија за оценување на работата на медиумите повторно е на маса и, според партиските брифинзи, засега има одреден договор. Се шпекулира дека секоја партија во ова тело би предлагала по еден член, а петтиот би се избирал од редовите на експертите со консензус на партиските врвови.

Претходно, Здружението на новинари на Македонија одби да учествува во тело во кое тие би добиле два члена, Македонската асоцијација на новинари уште два члена и еден независен експерт како заеднички предлог на двете новинарски организации.

Исто така, се дознава дека речиси е договорено главниот и одговорен уредник на МТВ да биде предлог на опозицијата.

meta.mk