Интернационален фестивал „Реинденс“- Лондон: Премиера на македонскиот филм „Златна Петорка“

Сподели

zlatna-petorka

Новиот македонски долгометражен игран филм „Златна петорка“ на режисерот Горан Тренчовски ќе ја има својата светска премиера во официјалната селекција на Интернационалниот филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон.Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје, а е финансиран од Агенцијата за филм на РМ.

Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и косценаристите Билјана Гарванлиева и Горан Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
„Реинденс“ е најголемиот британски фестивал за независен филм, негов основач е Елиот Гроув, а е под покровителство на Тери Гилијам, Мајкл Винтерботом и др. познати автори. Својата интернационална промоција филмот „Златна петорка“ ќе ја има во познатото кино „Вју“ на Пикадили сиркус во центарот на Лондон, на 29 септември.
Инаку, „Златна петорка“ ќе има македонска проекција на 17 септември на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
Филмот официјално ќе започне со дистрибуција од 6 октомври со премиерата во кино „Милениум“ во Скопје и со струмичката премиера на 7 октомври во НУЦК „Антон Панов“