Иранските фудбалери одбија да ја пеат химната на Светско во знак на поддршка за протестите

Сподели

 

Фудбалерите на Иран одбија да ја пеат националната химна пред нивниот прв натпревар на Светското првенство во фудбал против Англија, во знак на солидарност со нивните сограѓани кои се дел од протестите во нивната татковина.

Би-би-си пишува дека за време на изведувањето на химната, додека фудбалерите на Иран молчеле, дел од иранските фанови довикувале со потсмев, а други држеле знаци со напис „Жена, живот, слобода“ (Woman, Life, Freedom). Иранската државна телевизија го прекинала преносот од изведувањето на химната во Катар и прикажала широк кадар од стадионот што веќе бил емитуван претходно.

Иранските навивачи го извикувале и името на Али Карими, поранешен фудбалер кој важи за еден од најжестоките критичари на Исламската Република и е едно од најпознатите лица на анти-владиното движење.

Противници на Исламската Република го критикуваа иранскиот национален тим затоа што не ги поддржал протестите отворено и затоа што минатата недела се сретнале со претседателот Ибрахим Раиси.

Си-ен-ен јавува дека селекторот Карлос Кеироз пред почетокот на првенството изјавил дека неговите играчи имаат право да протестираат поради правата на жените во нивната татковина сè додека тоа е во склад со правилата на Светското првенство и во духот на играта.

Вчерашниот натпревар заврши со победа на Англија и резултат 6-2.

Масовните протести во Иран започнаа по смртта на притворената 22-годишна девојка Махса Амини, која била приведена од моралната полиција поради наводно прекршување на правилата за покривање на главата. Активистите за човекови права известија дека над 400 лица кои присуствувале на протестите се убиени, додека повеќе од 16.800 се уапсени.

Лидерите на Иран велат дека протестите претставуваат „немири“ организирани од страна на надворешните непријатели на земјата./Мета.мк