Изложба на Жанета Гелевска Вељановска-Жани во КИЦ Загреб

Сподели

 

„Сѐ уште верувам дека можам да летам“ е насловот на изложбата од Жанета Гелевска Вељановска-Жани што беше отворена вчеравечер во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, Хрватска.

 

 

Изложбата беше во организација на КИЦ – Загреб и Центарот „Добредојде Македонија“.

 

– Сентенцијата „Сѐ уште верувам дека можам да летам“, која Жани ја зема за насловна порака на оваа изложба, изразува позитивен став за она што значи посветеност кон она што навистина го сака како своја определба, сликарството, и радоста што ја споделува со нас. Создавањето уметничко дело може да ти ги поттикне најјаките чувства, да те направи среќен, да те направи да се чувствуваш како навистина да леташ – вели за изложбата, ликовниот уметник и куратор Дијана Томиќ-Радевска. Таа дополнува дека „мистеријата на играта поседува сопствен простор и сопствено време, па така, користејќи го реалното време и простор, Жанета Гелевска Вељановска нѐ носи во имагинарен свет на други простори, кои имаат бесконечно многу приказни, создадени со внимателно промислување на фантазијата“.

Во КИЦ –Загреб в петок (15 септември), со почеток од 20 часот, мини концерт ќе одржи младиот и надежен пијанист Виктор Рафајловски, кој од 19 до 25 септември настапува на меѓународен натпревар во Сан Ремо.