Известување за корисниците на парични права од социјална и детска заштита коишто биле клиенти на „Еуростандард банка“

Сподели

 

Министерството за труд и социјална политика ги известува корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачките семејства кои биле клиенти на „Еуростандард банка“ АД Скопје и средствата ги добивале на картичка, ги подигнувале на шалтерите на Банката, или ги добивале во својот дом, како и оние што ги подигнувале на шалтерите на „АД Пошта на Северна Македонија, заради продолжување на навремена и редовна исплата дека е потребно следново:

-Доколку покрај трансакциската сметка во „Еуростандард банка“ АД Скопје корисникот има трансакциска сметка и во друга банка (освен „Охриска банка АД Скопје“), да се обратат во таа банка заради поврзување на трансакциската сметка со социјалниот број, за да продолжи исплата на правото преку таа банка.

-Доколку корисникот нема отворено трансакциска сметка во друга банка, потребно е да отвори нова трансакциска сметка во некоја од банките во земјата  (освен „Охриска банка АД Скопје“) заради поврзување на трансакциската сметка со социјалниот број, за да продолжи исплата на правото преку таа банка. 

Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачите, при поврзување на постоечката трансакциска сметка, односно отварање на нова трансакциска сметка, задолжително треба да го известат вработеното лице во банката дека преку трансакциската сметка сакаат понатаму да им се врши исплатата на правото.

Се известуваат корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачите, поврзувањето на постоечката трансакциска сметка, односно отварање на нова трансакциска сметка треба да го направат најдоцна до 25.08.2020 година, заради навремена исплата во месец септември 2020 година.

Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачките семејства нема потреба да одат во центрите за социјална работа за да земаат социјален број.