Колумна: За регионално поврзани и европски млади – Владимир Георгиевски

Фото: Арбнора Мемети
Сподели

 

Ако на некој од младите кои учествувале во првите проекти на новоотворената Франко-германската младинска канцеларија во 1963та год. би му кажале дека учествува во изградба на долгорочен мир, интеркултурна соработка и заедничка иднина, тие веројатно би го сметале тоа за лудост, завера или залудно трошење на пари во невозможна мисија. Од прва рака тоа може и да изгледа така, всушност како би можела една младинска канцеларија, особено на две држави чии народи со векови биле крвни непријатели па дури и ја започнале втората светска војна, да поттикне изградба на мир, соработка и заедничка иднина?

Како всушност да убедите еден млад човек кој ги изгубил своите родители во војна, да соработува со луѓе од „другата страна” па дури и истите да ги смета за пријатели? За жал, овие болни прашања немаат краток и едноставен одговор и начин на решавање. Но, од историјата треба да се извлекуваат поуки, за да не се повторуваат повторно истите грешки и да се гради подобра иднина во која младите ќе сакаат да живеат.

Како млад човек израснат во мултикултурна средина кој на своја кожа го има осетено виорот на војната, со изгубени и истрауматизирани роднини и пријатели од неа, притоа работејќи во мултикултурна младинска организација, лично знам колку долги и тешки се процесите за градење на мир, интеркултурна соработка и справување со минатото.

Но, во изминативе десетина години, учејќи и работејќи во повеќе држави со луѓе од разни култури и националности со свои очи се убедив дека интеркултурните општества не само што можат одлично да функционираат, туку дека и различните култури доколку се препознаени и признаени носат огромни бенефити за општеството.  Студирајќи младинска работа во детското село Песталоци во Швајцарија, во кое илјадници деца на загинати родители имаат живеено и студирано, дефинитивно се убедив дека мирот, квалитетното образование и интеркултурната соработката се најважните вредности за кои сите инвестирани средства многукратно се враќаат назад во општеството. А квалитетното образование базирано на вредности, компетенции и можности може да ги обедини сите граѓани без разлика на нивната припадност.

Историски гледано, резултатите од вложувањето во младинската соработка се многу видливи на терен помеѓу граѓаните на Франција и Германија за кои сега не постојат никакви граници. Младите луѓе сега соработуваат и совршено функционираат заедно обединети под знамето на Европската Унија а војните и омразата се само во сеќавањата на постарите.

Балканот за жал сеуште се смета за “буре барут” кое во секој момент може да експлодира на повеќе места и поради еден куп причини. Регион полн со нетрпеливост, омраза и проблеми на никој не му е потребен, дури и на младите родени во овој регион кој за жал емигрираат во се поголем број и многу од нив не ја гледаат својата иднина тука. Европската Унија, која е голем поддржувач на земјите од западен Балкан јасно вели: Прво решете си ги своите проблеми и несогласувања дома и со соседите а потоа повелете во нашето семејство.  Дека процесот на проширување на ЕУ со интеграција на земјите од западниот Балкан не се само празни флоскули и ветувања говори т.н. Берлински процес кој досега брои повеќе резултати.

Еден од најконкретните продукти во овој процес е токму функционирањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка- RYCO која започна со работа во 2016та година со потпишување на Меѓународна спогодба за воспоставување на RYCO од страна на премиерите на шесте земји учеснички (Северна Македонија, Србија, Албанија ,Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина). Потоа, се случува историја. Но овој пат историја на регионална соработка во која младите луѓе се во центарот на вниманието и одлучувањето, токму како што вели слоганот на RYCO “Подобар регион започнува со младите”.

RYCO е базиран на принципот на ко- менаџмент систем на функционирање на управниот одбор, каде по еден младински претставник (избран од страна на младинските организации) и по еден институционален претставник задолжен за млади од секоја држава учесничка ги носат сите стратешки одлуки за функционирањето на организацијата и одобруваат оперативните планови и буџети по пат на консензус со цел имплементирање на најдобрите одлуки за младите во регионот.  Дополнително тело е советодавниот одбор составен од по 3 претставници на земјите членки, искусни во младинска работа и претставници на интернационални организации и институции кои даваат практични совети за подобрување на програмското и оперативното работење на канцеларијата.

Функционирањето на RYCO се одвива преку секретаријатот во Тирана, Албанија кој во моментот брои 50тинa вработени и локални канцеларии во сите земји членки со по неколку вработени.  Успехот на канцеларијата го потврдуваат последните извештаи на Европската унија за напредокот на државите кандидати за членки во кои се вели дека RYCO е една од најуспешните регионални иницијативи која нуди нови можности за младите. Интернационалните донатори и партнери се повеќе ја препознаваат успешноста на канцеларијата и поради тоа оперативниот буџет и активностите на терен се за 3 пати зголемени и одат во нагорна линија.  Во моментов покрај имплементирањето на младински размени и тренинзи кои се доделени на младинските организации и средни училишта по пат на отворен повик, се имплементираат неколку програми за волонтерство, социјално претприемништво, градење на мир и интеркултура соработка.

Но, RYCO не е само организација која нуди нови можности за младите да се запознаат, учат и соработуваат. Туку тоа е платформа која на долг рок ги променува наративите, ги крши стереотипите, ги отвора границите и го прави балканот атрактивно место за живеење. Развојот на регионот е возможен само доколку е меѓусебно поврзан и вистински соработува, а младите потврдуваат дека се најголемата движечка сила и моторот на тие позитивни промени кога се вистински вклучени и консултирани за работите кои директно ги засегаат.

Верувам дека ваквите иницијативи и канцеларии ќе ги поттикнат сите политички и општествени чинители да им овозможат поголем простор и можности на младите преку нивно поголемо директно вклучување во сите политички и општествени процеси, идеално по ко-менаџмент принципот на одлучување, особено во темите од интерес на младите. А организациите и институциите се повеќе ќе споделуваат позитивни искуства и заеднички ќе соработува со крајна цел- подобар и попросперитетен регион во кој младите сакаат да живеат.

meta.mk