Комесарот Вархеји на претседателот Пендаровски му го предаде Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година.
Претседателот Пендаровски истакна дека Извештајот дава детален приказ на состојбите во државата и степенот на реализација на реформите. Според претседателот Пендаровски, извештајот на комисијата дава поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери посочени во документот и претставува чекор кон формален почеток на пристапните преговори за членство за време на германското претседателство со ЕУ, до крајот на годината.
Претседателот Пендаровски го поздрави претставениот Економски и инвестициски план за Западниот Балкан, што има за цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, што е дополнително отежнато поради пандемијата од КОВИД-19, а во функција на забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Со претставениот план, според претседателот Пендаровски, се потврдува дека иднината на целиот регион е во Европската Унија, а Брисел јасно демонстрира дека регионот е нејзин геостратешки приоритет.