Македонија како членка на Коалицијата за слобода на медиумите ќе делува заедно со 35 земји

Сподели

 

Коалицијата за слобода на медиумите, составена од 35 земји членки потписнички, го одржа својот прв состанок на високи функционери на 29 и 30 јануари 2020 година во Женева, Швајцарија.

Коалицијата за слобода на медиуми е партнерство на земји кои проактивно работат заедно и се залагаат за слобода на медиумите, како преку интернет, така и надвор од интернет мрежите, како и за безбедност на новинарите и медиумските работници. Коалицијата има за цел да ги повика на одговорност оние кои претставуваат закана за новинарите или сериозно ги спречуваат да ја вршат својата работа, како и да ги поддржи работата и иницијативите на Глобалната кампања за слобода на медиумите.

Сите членови ја потпишаа „Глобалната заложба за слобода на медиумите“. Како потписнички, секоја членка се обврза да работи заедно преку преземање активности за подобрување на опкружувањето за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, дома и во странство.

“Слободата на медиумите се соочува со растечки закани од целиот свет. Новинарите и медиумските организации во нивната витална работа се повеќе се соочуваат со премногу ограничувачки закони, казнени правни мерки, неоснован или незаконски надзор и физичко насилство. Премногу често,без разлика дали работат во традиционални медиуми или на дигитални платформи, тие плаќаат за својата посветеност со нивната слобода или нивните животи.

Слободата на медиумите е од суштинско значење за остварување на човековите права и основните слободи и е составен елемент на глобалната безбедност и просперитет. На луѓето им се потребни слободни медиуми за да им обезбедат точни информации и информативни анализи доколку владите треба да се повикаат на одговорност.

Соочени со заканите за слободата на медиумите, кои се нови по обем и по природа, треба да усвоиме нови форми на соработка кои се прилагодуваат на новите реалности.

Нашиот пристап треба да биде респонсивен, преземајќи дејствија кон акутните закани кога истите ќе се појават. Треба да биде стратешки, адресирајќи ги долгорочните трендови и утврдените предизвици.

Ние сме посветени на тоа да бараме одговорност, да соработуваме едни со други и со владите кои не се членки на Коалицијата, со цел да обезбедиме владите да ги почитуваат своите меѓународни обврски за човекови права. Треба да ги земеме предвид сите области што влијаат врз слободата на медиумите, од овозможување на поволни регулаторни средини до промовирање на транспарентност во судските процеси. Ние сме посветени да допреме не само до владите туку и до новинарите, медиумските организации, граѓанските здруженија, меѓународните известувачи, регионалните претставници и другите засегнати страни, со цел да направиме напор за заедничка соработка во целокупното општество. Наша намера е да се надоврземе на работата на ОН и другите иницијативи за слобода на медиуми и посветено да ја унапредуваме таа слобода секаде каде што можеме.

Ние сме посветени на исполнување на нашите обврски според меѓународното право за човекови права и промовирање на правични, мирни и инклузивни општества, во согласност со 16 цели за одржлив развој на ОН.”

Цели

Коалицијата за слобода на медиуми има цел да:

• преземе акција за поединечни случаи со координирање на заедничките напори за покренување конкретни случаи кога новинарите и медиумските работници, или медиумските организации, се под закана, со цел да се охрабри почитувањето на гаранциите за фер судење и да се намалат случаите на неказнивост за кривични дела против нив

• јавно да зборува преку заеднички изјави, вклучително и на меѓународни форуми како и преку заеднички дипломатски пристапи и лобирање

• ја зајакне работата на другите иницијативи и организации за слобода на медиуми – вклучително и УНЕСКО, OHCHR (Канцеларија на Високиот комесар на ООН за човекови права), меѓународни известувачи, регионални претставници, новоформираниот Глобален фонд за одбрана на медиуми и Панелот на правни експерти од високо ниво за слобода на медиумите – да ги поддржи нивните препораки за тоа како да се подобри заштитата на медиумите, како што е соодветно, како и спроведување на Планот за акција на ООН за безбедноста на новинарите и прашањето на неказнивост

• обезбеди поддршка и соработка со организации кои се залагаат за слобода на медиумите и безбедност на новинарите.

Случаи и моменти за загриженост

Од Коалицијата за слобода на медиуми се очекува да укаже на индивидуални случаи и состојби кога лицата што се занимаваат со новинарство, како и медиумските организации, се соочени со закани, а со цел да се намалат случаите на неказнивост. Извршната група на Коалицијата е со интенција активно да разгледува низа случаи каде дејствувањето на Коалицијата може да биде соодветно, следејќи ги советите на државите членки, граѓанското општество, мрежите на професионалци и мултилатералните организации и да предлага акција за нивно решавање.