МЕТА: Почна сезоната на наддавање – За колку може да се купи еден пратеник?

Сподели

Постизборните математики од гласачките места и од седиштето на Државната изборна комисија се префрлуваат во Собранието, па во јавноста почна да се поставува прашањето дали новите пратеници ќе им останат верни на матичните партии, дали ќе преминат во друга, ќе станат ли одеднаш „независни“ и колку сето тоа чини? Има ли цена пратеникот во македонското собрание?

Рокот за приговори на политичките партии за прегласувањето во Теарце истече, па извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, а СДСМ – 49.

По социјалните мрежи веќе активно се зборува за преминување на пратеници на СДСМ во ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ во Беса или обратно за одредена сума пари.

„Дојче веле“ минатата година објави дека ВМРО-ДПМНЕ ја условувала лојалноста на своите пратеници терајќи ги да потпишат меници на одредени суми. Освен тоа, требало да имаат и потпис од гарант на меницата, како и бланко оставка од пратеничката функција. Доколку пратеникот ѝ откаже послушност на партијата, со меницата е обврзан веднаш да ги врати парите, во спротивно ќе се соочи со тужба.

„Јас потпишав меница на 300.000 евра во денарска противвредност. Таа сума ја одреди партијата. Според образложението, толку ќе чинеле трошоците на ВМРО-ДПМНЕ вложени во мојата изборна кампања“, објасни тогаш еден пратеник за „Дојче веле“, додавајќи дека сите тие документи се чуваат во штабот на партијата.

Во последниот собраниски состав, трите пратенички Љубица Буралиева, Роза Топузовска-Каревска и Солза Грчева од опозициските СДСМ и ЛДП, станаа независни пратенички откако ги повлекоа своите оставки од Собранието по изборите во април 2014 година, кои СДСМ и коалицијата не ги признаа со образложение дека биле фалсификувани.

Практика за купување пратеници има и во соседните земји.

Во Грција во 1990 година, десничарската партија Нова демократија освои 150 гласови во парламентот кој има 300 пратеници. За формирање влада ѝ беше потребен уште еден пратеник. Низ грчката јавност тогаш се зборуваше дека пратеникот Теодорос Кацикис од Демократска обнова, за одредена сума пари преминал во Нова демократија, при што таа го доби потребното мнозинство од 151 пратеник.

Слични ситуации имало и во Србија, иако досега таквите шпекулации не биле докажани.

Дописничка на „Мета“ од Србија, Сања Ивачиќ, вели дека за време на конституирање на општинските совети имало секакви комбинации на поминување од една партија во друга, но дека тоа се случувало и во националното собрание.

– За време на формирањето на власт во една од централните градски општини во Белград – Врачар, која е позната по тоа дека од почетокот на 1990-тите години во неа победуваше опозицијата, по последните избори имаше многу натегања и обвинувања за купување гласови, за, на крај, мнозинство да добие партијата на Александар Вучиќ, Српска напредна странка. Во 2005 година се зборуваше дека Богољуб Кариќ во парламентот купил неколку пратеници и го намали мнозинстовото во Собранието на тогашната влада на Воислав Коштуница и практично предизвика нови избори. Никој ова не успеал да го докаже, за тоа само се зборува, а и политичките противници се обвинуваат меѓусебно – вели Ивачиќ.

Начинот на кој сегашните политички партии дејствуваат е авторитативен, а не идеолошки. Тоа придонесува за нетранспарентни кандидати, за купување гласови, но исто така и за преминување на пратеници од една партија во друга или за постизборни коалиции кои поттикнуваат недоверба кај граѓаните, вели Алида Каракуши, дописничка за „Мета“ од Албанија.

Косара Беликнова, дописничката за „Мета“ од Бугарија, вели дека таму нема експлицитни примери за купување пратеници, но дека се случува по изборите некои пратеници да ги напуштат матичните партии и да станат „независни“.

meta.mk