МВР: Диме Спасов предизвикал две сообраќајни незгоди и со трчање избегал

Сподели

dime-spasov

Министерството за внатрешни работи попладнево излезе со соопштение за сообраќајката која синоќа се случи кај Агенцијата а катастар во општина Карпош, за која се велеше дека ја предизвикал дополнителниот заменик-министер Диме Спасов.

Во соопштението на МВР се вели дека возачот со иницијали Д.С. предизвикал две сообраќајки со возилото марка „Туарег“ и избегал, а на полицијата и се пријавило некое друго лице (М.Т.), но полицијата увидела дека не ги познавало околностите и заклучила дека тоа не управувало со возилото.

„На 28.10.2016 година во 23:20 часот Е.А. на бројот 192 пријавил дека во градскиот парк во Скопје, движејќи се по сервисната улица кон хотелот „Парк“ со своето возило „Фолксваген“ со скопски регистарски таблици кое што лично го управувал, бил удрен од „Туарег“ со скопски регистарски таблици кое доаѓало од спротивен правец. Возачот што ја предизвикал сообраќајната незгода не застанал туку се дал во бегство, а лицето кое пријавило во полиција го следело. Возачот на „Туарегот“ продолжил да се движи по улицата Франклин Рузвелт, по што свртел десно по улицата Митрполит Теодосиј Гологанов, па потоа по улицата Њуделхиска, каде што предизвикал и втора сообраќајна незгода удирајќи во друго возило со скопски регистарски таблици, и повторно, без да застане, продолжил кон улицата Алжирска, каде бил сопрен од полициска патрола. Од страна на полициски службеници лично и непосредно било утврдено дека од возилото сопственост на Агенцијата за вработување, излегле Д.С. и сопатничката Т.К.“, пишува во соопштението на МВР.

Како што информираат од полицијата, Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото, а додека полицијата го утврдувала идентитетот на сопатничката, Д.С. со трчање избегал од местото на настанот. Со полицајци и тимови на единицата Алфа биле извршени обиколки во непосредна околина, но Д.С. не бил пронајден.

Подоцна, околу 2 часот по полноќ на местото каде што било оставено возилото дошол М. Т. и на полицијата и кажал дека тој го возел „Туарегот“.

„Од дадената изјава на М.Т. може да се констатира дека недоволно ги познавал околностите под кои се случени претходно опишаните сообраќајни незгоди, што наведува на заклучок дека тој не го управувал возилото. Изјавата на М.Т. не кореспондира со изјавата на сопатничката Т. К. и утврдената фактичка состојба на лице место од страна на полициските службеници кои што констатирале дека во возилото се наоѓале само лицата Д.С. и Т. К.“, пишува во соопштението.
Од МВР додаваат дека работат на комплетно расчистување на околностите околу случените сообраќајни незгоди, за што јавноста ќе биде соодветно информирана.

Утринава демант и најави за тужби испратија од кабинетот на Спасов во кои беше наведено дека намерно му се уништува имиџот и рејтингот на дополнителниот заменик-министер.

meta.mk