Министерството за внатрешни работи по претходно разменети оперативни сознанија
со партнерска земја, во врска со потенцијални планови и намери за извршување на
терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на
припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС, спроведе оперативно-
тактички мерки со цел идентификација на можните организатори, логистичари и
потенцијалните извршители на нападот. Со цел попречување на терористичкиот напад
и остварување на превентивната функција, Министерството за внатрешни работи
изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно
спроведување. По добиените наредби на неколку локации на територијата на
државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се
поврзани со можниот напад. Министерството за внатрешни работи продолжува да
спроведува дејствија, мерки и активности со кои се работи на осигурување на
безбедноста на граѓаните. – Соопшти МВР