На официјалната веб-страница на Собранието, на местото за претседател на Собранието стои името на новоизбраниот претседател Талат Џафери, од каде што сменет е досегашниот претседател, а потоа и претседавач со законодавниот дом, Трајко Вељаноски.
Освен Џафери, новина на веб-страницата се и имињата на потпретседателите на Собранието. Заменици на Џафери во овој собраниски состав ќе му бидат Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Рафис Аљити од ДУИ и Рената Дескоска од СДСМ.
На веб-страницата на Собранието стои и веста дека Џафери денеска се сретна со шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.
Од собраниските служби претходно испратија соопштение до медиумите дека Џафери денеска го имал првиот работен ден во Собранието и дека самиот чин на примопредавање бил извршен најнормално, како што доликува на принципите на парламентаризмот.
Засега нема најава за нова собраниска седница и сè уште не се формирани пратенички групи во Собранието.