Новата редовна влада на Бугарија: Крај на една автократска ера? – Радосвета Василева

Сподели

 

2021 година го означи крајот на присуството на Бојко Борисов во извршната власт на Бугарија и на неговата превласт во парламентот на земјата. Меѓутоа, дали со тоа се стави крај на автократијата на Борисов? Ни приближно!

Радосвета Василева

Оваа година во Бугарија имаше три парламентарни избори. Дури по третите парламентарни избори во ноември 2021 година новото хетерогено мнозинство успеа да најде заеднички јазик и конечно да се договори за коалициона влада без Борисов. На 13 декември 2021 година, сегашното 47. Народно собрание избра влада предводена од Кирил Петков, лидер на новоформираната партија Produlzhavame promyanata (Продолжуваме со промените; ПП) составена од шаренолики партнери кои не беа очекувани сојузници – Има таков народ (ИТН), коалицијата Демократска Бугарија (ДБ) и Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Уште од сега е тешко да се одговори колку оваа коалиција, што е во сите бои на политичкиот спектар, ќе успее да ги надмине различните ставови и да остане заедно. Поважно од тоа, иако овие партии покажуваат ентузијазам и испраќаат оптимистички пораки до јавноста, не е јасно колку се подготвени да ја урнат машината за сеење страв (јавно обвинителство врз кое не може да се воспостави контрола; политички зависни судови; и антикорупциска комисија што ја штити корупцијата) што ја изгради партијата на Борисов ГЕРБ и нејзините сојузници, машина што сè уште е под контрола на сојузниците.

Турбулентни времиња

Во 2020 година, во Бугарија имаше масовни протести против широко распространетата корупција и непочитувањето на владеењето на правото од третата влада на Бојко Борисов и јавниот обвинител Иван Гешев, кој многумина го сметаат за марионета на Борисов и неговите сојузници. Овие протести разбудија некои меѓународни медиуми и институции на Европската Унија (ЕУ) кои конечно ја признаа лошата состојба во Бугарија. Највлијателниот медиум во Брисел, „Политико“ (Politico), отворено ја нарече Бугарија „мафијашка држава“.

Парламентот на ЕУ донесе моќна резолуција против недостатоците на владеењето на правото во земјата. Меѓу своите критички забелешки, Парламентот на ЕУ го истакна своето „жалење“ што „случувањата во Бугарија довеле до значително влошување на почитувањето на начелата на владеење на правото, демократијата и основните права, вклучително и независноста на судството, поделбата на власта и овластувањата, борбата против корупцијата и слободата на медиумите“. Сепак, и покрај локалниот и меѓународниот јавен притисок, владата на Борисов и Иван Гешев тврдоглаво одбиваше да поднесе оставка.

Партијата ГЕРБ на Борисов се подготви за редовните парламентарни избори во март 2021 година. Меѓутоа, тогаш го доби првиот остар удар од гласачкото тело на Бугарија – иако освои најмногу гласови, три опозициски партии кои не беа дел од претходниот парламент (ИТН, ДБ, и Исправи се! Мафијата надвор!) исто така влегоа во парламентот и со тоа Борисов не можеше да состави влада. За жал, овие опозициски партии го немаа потребното 121 парламентарно место за да состават своја влада, па претседателот Румен Радев назначи техничка влада и Бугарија се упати на предвремени избори во јули 2021 година.

На овие избори Борисов доби уште поголема шлаканица откако неговата партија ГЕРБ беше втора, но овој пат опозициските партии се заплеткаа во сопствените амбиции и несогласувања и не успеаја да предложат влада. Претседателот Радев беше принуден да назначи нова техничка влада и да закаже нови предвремени парламентарни избори во ноември 2021 година, на кои и тој самиот планираше да се кандидира за реизбор на редовните претседателски избори оваа година.

Ноември беше месец за паметење

Парламентарните и претседателските избори во ноември ставија крај на агонијата на чекање кога партијата на Борисов ГЕРБ беше соборена од престолот на извршната власт во догледна иднина. Претседателот Радев убедливо победи во вториот круг од претседателските избори против кандидатот на ГЕРБ Анастас Герџиков, со впечатлива разлика од 34,92%. Ова е огромно олеснување за граѓанското општество на Бугарија – доколку земјата повторно ја очекуваат предвремени парламентарни избори во блиска иднина, Радев ќе назначи техничка влада. Ова го спречува ГЕРБ да се обиде да ја врати моќта преку канали невидливи за јавноста.

Novata redovna vlada na Bugarija Kraj na edna avtokratska eraИзвор: novatv.mk

Уште поважно, на парламентарните избори, кои се одржаа на 14 ноември 2021 година, победи партијата ПП која беше формирана непосредно пред ноемвриските избори од двајца министри во првата техничка влада што годинава ја назначи претседателот Радев – Кирил Петков и Асен Василев. Сепак, бидејќи тие добија само 25,67% од гласовите, беше јасно дека претстојат тешки преговори. Партијата ПП им подаде рака на сите, освен на ГЕРБ, нивниот заткулисен сојузник ДПС и новата екстремно десничарска партија Vuzrazhdane (Преродба). Тие се најдоа во разговори со партии кои имаат длабоки политички разлики и конфликти меѓу себе:

  • БСП (социјалисти, наследници на Бугарската комунистичка партија);
  • Коалицијата ДБ, која веќе е импресивна мешавина на еколошки свесна (Зелено движење), десничарска (Демократи за силна Бугарија) и партија која се претставува како централно десничарска, но најчесто испраќа левичарски пораки (Да, Бугарија!);
  • ИТН (популистичка партија на Слави Трифонов, која е тешко да се смести во традиционалниот политички спектар бидејќи, во зависност од темата, нивните политики драстично варираат).

Со други зборови, партијата ПП имаше многу тешка задача – мораа да ги убедат луѓето кои под нормални околности не ни комуницираат едни со други да договорат заедничка влада со цел рушење на автократијата на Борисов.

Бавен, но надежен почеток

Партијата ПП ги изненади бугарските граѓани со обидот за поголема транспарентност што очајно ѝ недостига на Бугарија. Прво, дел од нивните преговори за составување влада беа пренесувани во живо според однапред објавен распоред. Второ, партијата ПП инсистираше коалицискиот договор да биде во писмена форма. Договорот и неговите прилози се објавени онлајн за секој да може да ги види. Како негативна страна, Договорот е исклучително краток, нејасен и полн со тешко остварливи желби. Позитивно е што Договорот содржи некои елементи кои докажуваат намера за реформи. Во Анексот 19 се ​​посочуваат законодавните иницијативи што ќе се преземат. Еден брз преглед покажува дека тие се насочени кон решавање на долгогодишните проблеми во Бугарија, како што е реформа на институциите кои традиционално служат како параван за корумпираните политичари и ги малтретираат непогодните противници на режимот на Борисов – Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија, Специјализираните кривични судови итн.

Бидејќи пишувам за македонска публика, треба да се истакне дека дел од другите Анекси на Договорот се однесуваат на бугарско-македонските односи. Анексот 4 за „Транспорт“ предвидува развој на транспортни врски меѓу Бугарија и Македонија, Анексот 12 за „Регионален развој“ предвидува развој на железничката врска меѓу Бугарија и Македонија, а Анексот 18 за „Меѓународни односи“ содржи долги, но нејасни детали за иднината на бугарско-македонските односи. За последново прашање, очигледно е дека коалициските партии постапувале со крајна претпазливост и се обиделе да им удоволат на сите сегменти на бугарското општество. Со сигурност може да се каже дека прашањето за неславното вето за членството на Македонија во ЕУ е жежок костен со кој новата влада не сака набрзо да се справи.

Прерано е за славење

Иако има многу причини за оптимизам – главната од нив е дека автократијата на Борисов почна да се распаѓа – прерано е да се слави крајот на автократската ера. Трите влади на Борисов ѝ нанесоа огромна штета на Бугарија преку неконтролираната корупција, реформите што го загрозуваат владеењето на правото и создавањето институции насочени кон заштита на тој статус кво. За уништување на таквата „Франкендржава“ потребни се храброст, знаење, трпение и упорност, како и свест дека Борисов и неговиот круг не играат фер и дека можат да користат заткулисни методи за да ги спречат реформите, како што се Фаустовски договори.

Сегашната влада на Кирил Петков има потенцијал да биде запаметена во историјата, но само иднината ќе покаже дали има сè што е потребно за да се справи со предизвикот и да одговори на очекувањата на јавноста за реформите. Од оваа гледна точка, следните три месеци ќе бидат клучни бидејќи ќе покажат дали коалицијата може да ги исполни своите краткорочни ветувања.

Новата министерка за правда Надежда Јорданова претстави амбициозна програма со цел во следните неколку месеци да се отстранат од функција двајца клучни луѓе во автократијата на Борисов – јавниот обвинител Иван Гешев против кого граѓаните протестираа со месеци и претседателот на Антикорупциската комисија Сотир Цацаров кој претходно ја извршуваше функцијата генерален обвинител и кој го унапреди Гешев.

Доколку министерката Јорданова успее во оваа задача, коалицијата сигурно ќе стекне уште поголема популарност кај граѓанското општество и ќе докаже дека не е силна само на зборови, туку и на дела.

„Не број ги пилците пред да се испилат“ (во слободен превод „На нероден Петко капа не му се крои“) е традиционална англиска поговорка која има директен еквивалент на бугарски јазик – „Пилињата се бројат во септември“. Иронично, човек може да претпостави дека до септември 2022 година ќе биде појасно дали оваа нова влада навистина ќе опстане поради нејзините успешни реформи насочени кон промовирање на владеењето на правото или Бугарија повторно ќе оди на нови предвремени парламентарни избори.

respublica.edu.mk