Одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Сподели

 

Со повеќе активности, промоции и настани, денеска (петок, 27 октомври) сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот го одбележуваат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство. Со овие настани фокусот на светската јавноста се насочува кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство.

Кинотеката на Северна Македонија, како дел од големото семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и зачувувањето на филмското културно наследство, со свои активности ќе го одбележи овој светски ден.

Граѓаните што ќе ја посетат Кинотеката денеска во периодот од 11 до 15 часот ќе добијат бесплатни изданија (печатени и на ДВД) на Кинотеката, како и организирана тура низ просториите и депоата на институцијата, која се грижи за националното аудиовизуелно, односно филмско наследство. Дел од изданијата на Кинотеката ќе добијат и посетителите на филмските проекции на македонските филмови „Те дуа, жими мене“ (2023, р. Марјан Гавриловски) и „М“ (2023, р. Вардан Тозија) од 18 часот и од 20 часот.

Од Кинотеката велат дека всушност целиот месец октомври во Кинотеката е посветен на заштитата на филмското наследство, неговата промоција и подобрување на условите во кое се чува филмското наследство од заборав и уништување, а во смисла на негова достапност до граѓаните.

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day of Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. По три и пол децении, УНЕСКО ја дополни и ја прошири таа првична препорака со нова, и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и на она во дигитална форма.