Општина Карпош ќе финансира креативно и иновативно образование

Сподели

 

Со најмалку 500.000 денари, Општина Карпош оваа година ќе ги поддржува проектите со креативен пристап во иновативни области во сферата на образованието кои  ќе ги понудат заинтересирани граѓани или правни лица регистрирани за работа во оваа дејност.

 За таа цел, деновиве, локалната самоуправа објави јавен оглас со кои ги повикува физичките и правни лица да конкурираат со сопствени проекти во областа на животната средина, социо-емоционалната поддршка на учениците, со понуда на иновативни методи и техники во наставата, во спортот во образованието, за културата во образованието, со понуда на инклузивни пристапи во образованието и во сферата на професионална ориентација на учениците.

Сите поединци, невладини организации или други правни лица кои имаат  валидна регистрација, искуство или првичен ентузијазам да придонесат со креативни проекти во споменатите области треба да ги наведат причините, целите, намената и очекуваните разултати од своите проекти. Општината , за возврат ќе ги финансира доспеаните проекти до крајот на 2021 година, се до исцрпување на финансиските средства кои, согласно потребите во текот на годината, ќе може да се зголемат.

Финансиската проекција на проектите која ќе ја предложат апликантите треба да биде во согласност со начинот на реализација на наставата во основните општински училишта (настава со физичко присуство за учениците од 1-3 одделение и он-лајн настава за учениците од 4-9 одделение) .

Начинот на пријавување на вакви проекти и јавниот оглас се достапни на официјалната страна на Општина Карпош  www.karpos.gov.mk .