Колумна Македонија Текстови

ОТВОРЕН БАЛКАН И ЗАТВОРЕН УМ – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Бабилонски водач наумил да избере свој наследник, па се консултирал со богот на сонцето и правдата, Шамаш. Тој сугерирал секој од претендентите да изготви такво јадење кое истовремено ќе билo највкусно и најодвратно!

 

Мерсел Биљали

Од илјадниците претенденти, само на едниот му успеало. Тој направил јадење од јазик, со вкусни адитиви. Водачот бил одушевен од вкусот. Наредното јадење исто така го направил од јазик, но со лоши адитиви. Водачот прашал зашто за двете јадења го избрал токму јазикот?! Тој одговорил: “Ваша светлост – јазикот, полн со омраза, лаги и измами доведува не само до невкус, туку и до страдање и трагедии, а јазикот со толеранција, љубов и разбирање води кон општото добро!“ Денес во западниот Балкан, паралелно се подготвуваат двата специјалитети. Од нас зависи што ќе вкусиме?!

Проектот “Отворен Балкан”, интелигентно е лансиран од трите држави (Србија, Албанија и Македонија) со цел да се пацифизира овој дел од Европа, познат по тоа што секогаш мирот го држи пред војнички отстрел. Не постои друг ефикасен лек против ова „болест“ од соработката и интеграцијата. Засега овој проект почна да функционира само меѓу трите споменати држави, но обрачот полека се стега и кон трите останати држави. Сега е веќе јасно дека проектот ја има поддршката и на САД и на ЕУ. На последна средба активно бил вклучен и комесарот за проширување Вархеји. Апелот на тројцата лидери Вучиќ, Заев и Рама до останатите три држави (БиХ, Црна Гора и Косово), покажува дека проектот е повеќе од сериозен. Двете држави (БиХ и Црна Гора), почнаа да покажуваат мала доза на флексибилност, додека владата на Косово силно се спротиставува, и тоа со емоционални аргументи! Понекогаш тешко се сфаќа дека омразата не се смирува со друга омраза туку со нејзино исчезнување, оти таа знае да уништи сѐ околу себе освен себеси.

Кој е против „Отворен Балкан“?

Претседателот Пендаровски, претпоставувам импресиониран од ставовите на косовската власт, од таму прати абер „дека тој бил првиот политичар што изразил резерва кон таа иницијатива ако биде алтернатива на ЕУ“!  А сите добри познавачи, а и самите иницијатори јасно кажаа дека тој проект никако не е замена за ЕУ, туку „брз воз“ за Брисел. Да потсетиме дека слично нашиот „Отворен Балкан“ била и ЕФТА (подоцна ЦЕФТА), како организации за слободна трговија меѓу мнозинството европски развиени држави, пред тие да станат членки на ЕУ. Пендаровски го спомнал и „Берлинскиот Процес“, кој по ниту еден сегмент не може да биде алтернатива на „Отворен Балкан“, туку комплементарност по сите негови параметри. Но, по заминувањето на Меркел, веројатно достигнвањата од нејзиниот проект ќе преминат во „Отворен Балкан“.

Проектот веќе ја има и директната американска поддршка. Заменикот помошник државен секретар на САД – Ескобар, при неодамнешниот настап во српскиот парламент на темата „Отворен Балкан – пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“, кажа дека „не можете да ветувате ефикасен пренос на енергија, телекомуникации и пазар ако не бидат вклучени сите шест земји од регионот, тоа едноставно не функционира“. Тоа беше поттик за заеднички апел на Вучиќ, Заев и Рама, до останатите три држави од регионот, за и тие се приклучат кон „Отворен Балкан“.

Првично, Брисел едно време беше на ставот дека „ја поздравува идејата, но дека некоја нова Унија не е најдобро решение, па затоа е подобро и натаму да се соработува во рамките на ЦЕФТА“. Тоа беше истовремено комично и трагично, кога знаеме дека проширувањето со земјите од западен Балкан стана вистински мајтап за Брисел, а ноќен кошмар за земјите од регионот. Особено кога е видливо дека и ЦЕФТА е слабо нефункционална. Затоа е повеќе од потребно друга организациона содржина за ефективно трговинско интегрирање меѓу регионалните држави, со цел заеднички да зајакнат на патот кон ЕУ. Таквото западно-балканско интегрирање не само што ќе доведе до регионален мир и доверба, туку многу би помогнал и во заедничкиот економски развој. Таков пазар ќе биде примамлив и за привлекување големи инвестиции во регионот, но и на зајакнувањето на конкурентните способности во самиот регион, што е важен услов за нивното подоцнежно интегрирање во ЕУ. Истовремено регионот видно би се пацифизирал, што ќе овозможи многу полесно да се решаваат меѓусебните отворени прашања. Западните земји со векови војувале меѓу себе, со стотина милиони жртви, ама интеграциите направија сега поимот „војна“ таму да изгледа како некоја невозможна мисија. А за да го постигнете невозможното, треба да го правите недостижното. Пикасо кажал дека постигнал слава оти го работел токму недостижното.

Вклучена и Светската банка

Со помош на Светската Банка и бројни други институции интензивно се работи на унапредувањето на западно-балканската транспортна мрежа, кое претставува целосно модернизирање на регионалната инфраструктура и либерализирање на регионалните граници, компатибилно со – ТINA (Transport Infrastructure Needs Assessement), транспортна мрежа што ги опфаќа важните коридори како продолженија и клучки на Транс-европската мрежа – ТЕN (Тrans-European Networks). Тука не треба да задоцниме оти со финализирањето на Коридорот-IV (Будимпешта, Арад, Крајова, Софија, Солун), тогаш Коридорот-Х видно ќе загуби од својата релеванција. Исто така треба да се форсира „Коридорот-VIII“, кој на Македонија и дава големо значење оти ја поврзува со Турција, Бугарија, Албанија, Италија и Косово. САД веќе планираат големи инвестиции и во железничката линија (Салцбург – Љубљана – Загреб – Белград – Ниш – Скопје – Солун), каде што Кина со сите сили сака да го спроведе својот проект „Појас и пат“ (Belt and Roud).

EУ бега од западен Балкан

ЕУ која се докажа како одлична превентива против своето зло, моментално како да се наоѓа во една оргомна рамнотежена вага, каде што и едно мало камче може да урне сѐ. Па затоа таа се плаши како од лепроза, од брзиот прием на западниот Балкан, оти знае дека регионот традиционално се плаши да биде нормален. Според “Financial Times” ЕУ бега од регионот со аргументи дека сите шест држави од западен Балкан заедно имаат само околу 1% од бруто домашниот производ на ЕУ. И дека ЕУ ќе треба да издвои голема сума пари за опсежни реформи во овие држави, а без некој гаранција за резултати! Но, проблемот воопшто не е тука. Регионот заедно има околу 18 милиони жители, а тоа значи помалку од Романија, која имаше 20 милиони жители кога таа пристапи во ЕУ. Тогаш нејзиниот бруто домашен производ по глава на жител бил дури 77 % под просекот на тогашната ЕУ. Па сепак успеа! Проблемот е во тоа што во моментот европскиот електорат е многу алергичен на проширувањето, поради бројните туѓинци во нивните држави, а популистичките политичари верно го следат тој нивен дух.

Како и да е, “Отворен Балкан” не е мед и млеко, а ниту лук и вода. Тој моментално е најдобриот проект што воопшто е можно да го имаме во регионот, со менталитет кој тешко сфаќа дека кога мрази, секогаш нешто губи, за разлика од сакањето кога секогаш нешто добива. А загубата ни се огромна маса млади, кои веруваат дека насекаде по светот ќе им биде подобро отколку во својата држава! А криминалните структури и нивните медиуми кои злото ни го продаваат како национален интерес, нѐ плашат од „Отворен Балкан“, оти нивните криминали во голема мера се поврзани со границите. А ние да си го провериме нашиот вкус!

 

 

 

 

 

 

Сподели: