Претседателот Стево Пендаровски се обрати онлајн на третиот самит на Меѓународната Кримска платформа, којшто годинава поради состојбата во Украина, е од хибриден карактер.
На панелот посветен на хуманитарната состојба и заштитата на човековите права, претседателот Пендаровски истакна дека почитувањето на начелата на правдата не е само од суштинско значење за жртвите и нивните семејства, туку е клучен чекор кон помирувањето, откако ќе се исполнат предусловите за таа фаза.
“Во последните 18 месеци, светот се соочува со ужасни случаи на воени злосторства, кршење на човековите права, тортура и вонсудски казни извршени од страна на руските воени и паравоени сили.
Денес, кога ја потврдуваме нашата позиција за непризнавање на нелегитимната анексија на Кримскиот Полуостров и на другите делови на Украина, би сакал да го свртам вниманието на влошената состојба на човековите права на Крим.
Не смее да се дозволи ваквата состојба да опстојува неконтролирано, бидејќи ја поткопува самата структура на локалната политичка заедница. Светот мора да се справи со овие злосторства, со чувство на најголема итност и колективна акција. Секој случај на злоупотреба и прекршување мора да биде подложен на темелна истрага, а одговорните мора да одговараат за своите постапки.
Почитувањето на начелата на правдата не е само од суштинско значење за жртвите и нивните семејства, туку е клучен чекор кон помирувањето, откако ќе се исполнат предусловите за таа фаза.
Помирувањето не е можно без правда, а, во овој контекст, лекциите од војните во поранешна Југославија служат како вреден потсетник. Формирањето на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија беше клучен чекор кон изучување на таа лекција од историјата и поставување на основа за демократија и мир за идните генерации.
Исто како што МКТЈ одигра клучна улога во спроведувањето на правдата и повикувањето на сторителите на одговорност, така и ние денес мораме да поддржиме силни механизми кои ќе обезбедат организаторите и насилниците на човековите права на окупираните територии на Украина да бидат изведени пред лицето на правдата.
Затоа македонското претседавање со ОБСЕ оваа година највисок приоритет стави на решавање на прашањето за влошената состојба на човековите права во Украина. Се обврзавме да ги искористиме нашите дипломатски и кооперативни механизми за активно ангажирање со сите засегнати страни, во справувањето со алармантните прекршувања на човековите права не само на Крим, туку и во Украина како целина. Дури и кога нашето претседавање завршува на крајот на оваа година, нашата посветеност на оваа кауза ќе биде постојана бидејќи ќе продолжиме по истиот пат, заедно со другите нации, наши сојузници и истомисленици.
Дозволете ми да истакнам дека крајот на војната и обновувањето на територијалниот интегритет на Украина не треба да биде далечен сон, туку опиплива цел која бара наша непоколеблива посветеност и колективна посветеност. Одлуките што ги носиме и активностите што ги преземаме денес, заедно со сета поддршка што континуирано ја даваме за Украина, можат да ја обликуваат траекторијата на нацијата и нејзиниот народ за генерациите што доаѓаат. Уште повеќе, нашите колективни напори ќе придонесат за одржување на траен мир и стабилност низ европскиот континент.
На крајот, би сакал да им оддадам почит на сите загинати украински херои и, во исто време, да оддадам признание на секој од вас за вашата цврста посветеност на оваа благородна кауза – бранењето на суверената нација, членка на Обединетите нации”, истакна претседателот Пендаровски.