Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и неговиот полски колега, Анджеј Дуда ја отворија денешната комеморација по повод 80- годишнината од почетокот на Втората светска војна.
Церемонијата почна во полскиот град Вилун, рано изутринава во 4:40 часот, кога врз Полска паднаа првите нацистички гранати, убивајќи повеќе цивили.
Штајнмаер, во првиот град во Полска што неговата земја доминирана од фашистите го бомбардираше уште пред објавата на Втората светска војна, на полски јазик побара прошка за воените ужаси.
„Цинизмот на германскиот агресор беше безграничен, последиците страшни, но и покрај тоа, нема многу Германци што знаат за настаните во Вјелуњ и дојде време тоа да се смени. Вјелуњ мора да остане во нашите умови и срца. Минатото не може да се заборави. Тоа не поминува. Ние сакаме да го запаметиме и да ја прифатиме таа одговорност што ни ја наметнува нашата историја“, рече претседателот Штајнмаер взори, на годишнината од бомбардирањето на тој град.
На германски, а потоа и на полски јазик, тој рече дека им оддава почит на жртвите од нападот врз Вјелуњ, на полските жртви на германската тиранија, и замоли за простување.
Полскиот претседател Анджеј Дуда му се заблагодари на Штајнмаер за моралната сатисфакција што како претседател на Германија одбележувањето на годишнината го почнал токму во Вјелуњ.
„Мислите ли дека е лесно да се дојде во град што пред 80 години бил брутално уништен од луѓе од вашиот сопствен народ? Од претходните генерации, генерациите на татковците и дедовците. Мислите ли дека е лесно да се погледне во очите на оние што преживеале или на оние што носат трауми целиот живот? Ви благодарам, претседателе. Гледам човек што дошол со покорност, со наведната глава за да оддаде почит. Присуството на претседателот на Германија е вид на морална сатисфакција“, им рече претседателот Дуда на Штајнмаер и на граѓаните на Вјелуњ.