Деновиве учиме нови работи од нашиве портокалови „креативци“. Учиме, на пример, дека е возможно, во земја како Македонија каде цвета невработеноста, сиромаштијата, беспомошноста, очајот, криминалот, порочноста, некој властодржец, или можеби поправо кажано некој негов братучед, да седи удобно залегнат во некаква удобна фотеља и незаконски да ги слуша телефонските разговори на илијадници свои сограѓани. Вистина, ова изгледа „малку“ дијаболично, ама е наша стварност. Учиме дека е возможно, министрите пијани да се возат во скапи џипови и да прават собраќајни прекршоци и тоа да се прогласува за „местенка“, учиме дека може да се прават сексуални оргии на „непријателска територија“, ама дека е можно истовремено со целиот тој нивни лудачки разврат и неморал, во „името на Татковината“ да ни продаваат патриотизам и тие бесрамно да прогласуваат предавници и да ловат „вештерки“ кај политичките противници. Секако, ова е „малку“ чудно, забегано, непристојно и перверзно, ама кај нас се „продава“ како нормално и дозволено во рамките на политичката борба. Учиме дека е возможно, некои политичари и нивните медиумски слуги да седат на балконот со кукловод во рацете и да си играат со човечките судбини како со марионети и, учиме дека, дури, е можно за сопствените лукративни цели да си играат „воени игри“ и да ја ставаат под прашање судбината на цела една земја. Секако, овие игри се „малку“ антинационални, умноболни и понижувачки за разумот, ама кај нас функционираат и носат изборни резултати.
Всушност, со ваквите „возможности“, нашите концесори врз државните институции кои сами себе се сметаат за непроменливи деспоти, нацијата и религијата ги споиле во трагокомичен комплот и лигава симбиоза, па настојуваат да ги доуништат веќе изглоданите, и смалени до невидливост, здрав разум и пристоен вкус, со тоа што им се постмеваат со грубите и безочни лаги, конструкции, измами, фалсификати и кич-градби ексхумирани од минатото и вештачки поставени насекаде околу нас. Знаете сите, зборовам за оние суетни и раскалашани политичко-клерикални сатрапи кои додека, од една страна, ненаситно и незапирливо се „частат“ со раскош, богатства, комоции, луксузи, оргии…, од друга страна, редовно лицемерно акламативно „протестираат“ и лаат против наводните (оти се од нив пропагадно измислени) федерализација, двојазичност, кантонизација и заглушувачки завиваат за родната библиска грутка, за светиот крст и вера, за чистите национални крвни зрнца…
Така, во нашиот македонски случај, амалгамот од ксенофобија и пазарна религија, со помош на тоталната портокалова пропаганда, под маската на патриотизмот, а во функција на корисното и целисходното за добивање на изборни гласови се трансформира во фетишизација на националното, а демократијата и државата се наоѓаат во претсмртен грч. Имено, во нашиот пропагаден систем на дискредитација на логиката и моралот, поимите достоинство, право, слобода и вистина, се излишни и служат за потсмев. Луѓето „демократски“ се „култивираат“ преку страв и економска корупција и принуда, а преку предизборната неонацистичка психохирургија им се одзема чувството за гордост, им се вградува малодушност и покорност, им се сугерира националшовинизам, мизантропија, национална раздразливост и нетрпеливост, а сето тоа јасно се очитува во масовното параноидно трагање по сопствениот идентитет и по наводните непријатели на нацијата од надвор и внатре.
Оние кои се спротиставиле на контролата и успеале да побегнат од дејството на пропагандата, оние ко не прифатиле статус на дисциплинирани пациенти во портокаловата лудница, се систематски и безмилосно стигматизирани како предавници, непријатели, соросоиди, странски платеници… Сепак, токму оние кои се спротиставиле на националистичкиот мит и одбиле да бидат сервилни кон неговите фашизоидни свештеници кои заседнале во функционерските фотељи и не сакат да станат од нив, се оние кои покажале и докажале дека ги имаат доволната одважност, изворната калокагатија, вродената интелигенција, устоличеното достоинство и потребното знаење за да го извлечат македонскиот брод од тињата во која заринкал и, веќе долги години, не се помрднува ниту за милиметар нанапред.