ПРЕТСЕДАТЕЛ ОПАСЕН ПО ЖИВОТ – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Еден лидер од вмровските коалициони партнери на шега ми вели – бевме спремни да прифатиме и со златни букви на зградата на владата да се напише „Qeveria e RM” (Влада на РМ), само за да останеме власт

Во древното индиско дело „Панчатранте“ се опишува како едни сурови разбојници со лик на ѕверови го нападнале селото Буахна. Пљачкосувале, силувале, убивале и на крајот го запалиле селото. Ниеден не оставиле жив. Молеле, плачеле, вриштеле жени и деца, но тие бездушни суштества тоа го доживувале како задоволство. Успеале да се спасат само тие што биле надвор од селото. Кога навечер се вратиле во селото можеле да видат само чад, ужас и пустош. Се беше претворено во пепел. Мудриот главатар на селото Анбраха останал без целата своја фамилија. Од тој ден нему често пред очите му појавувал неговиот петгодишен син како вришти во огин. Поминале две години, кога една ноќ се слушнал поинаков глас од синот му – тато отвори ми ја вратата, јас сум. Но, Анбраха мислел дека тоа е само негов привид, поради тешките трауми. Бил сигурен дека неговиот син не е жив. Тоа викање траело со часови, но вратата не се отворила. Детето си заминало и никогаш повеќе не се вратило. Него, разбојниците го поштедиле за да им носи вода, па им избегал.

И нас бездушни разбојници со лик на ѕвер со години не пљачкосуваа, не осиромашија, не иселуваа, не малтретираа и затворија, а сега сакаат да ја запалат целата држава! Проблем ти била платформата која самите без приговор ја прифатија. Таа ти била за државата многу поопасна од украдените милијарди! Многу поштетна од перењето над шест милијарди евра! Многу полоша од создавање тотална беда кај милион луѓе! Многу пострашна од погазување на животот и достоинството на целото население! Многу потрагична од иселувањето на третината жители од државата! Од рекетите, од изнудите, од насилно преземањето на бизнисите…  А има сигурни докази дека Груевски целосно ја прифатил таа платформа, но тој продолжува со лаги како што цело време функционира. Еден лидер од неговите коалициони партнери на шега ми вели – бевме спремни да прифатиме и со златни букви на зградата на владата да се напише „Qeveria e RM” (Влада на РМ), само за да останеме власт. Груевски за време на предизборната кампања молеше некој близок на Клинтон да го прими (оти беше сигурен дека таа победува), но по победата на Трамп веднаш „ја прочита“ неговата книга, ептен добра, која ни ја препорача и нам! Ама за жал никој во Белата куќа не се смилувал од преголемата импресионираност на Груевски со книгата на нивниот шеф. Со помош на неговите лаги, и тогаш кога паѓавме во провалијата нам ни се причинуваше дека летаме високо. Сега веќе тоа е зад нас и тешко иде со тврдокорните сендвичи. Мал е бројот на тие, во чии усти влегува сендвич а излегуваа омраза. Планирал граѓанска буна, ама граѓани премалку, па се преиначи во селска буна, но и селани ептен малку, и сега не е ниту сељачка буна.

Но, ајде да видиме, по која платформа Груевски државата од лидер во регионот ја направи социјално очајна, економски стечајна, безбедносно ризична, а сега и животно опасна?! По која платформа ја враќаше омразата во државата?! По која платформа голем број невини луѓе се малтретирани, рекетирани, уништени, затворени, осудени, па и убиени?! По која платформа судството е претворено во верен чувар на мега-криминалците?! И конечно, по која платформа Груевски сега ја турка државата во конфликт?! Сега веќе и во органите на НАТО состојбата наша се опишува како „своевиден СОС-сигнал испратен до меѓународната заедница дека бродот во Скопје тоне“ (Бојко Ноев).

Со неговите постапки и состојбата во државата е доведена блиску до експлозија. Тука веќе е јасно дека некој сака војна, со цел да ја подели државата за да се загуби трагата на астрономските пари стекнати на нелегален и брутален начин. Двајца или тројца луѓе во државата се блиску тоа да го направат ако организирано и заедно не ги спречиме. Бројни членови на ДПМНЕ, па дури и во челништвото на таа партија се против таквата опасна авантура, но не се осудуваат да се спротивставуват. Ама тоа не ги амнестира од одговорноста. Првенствено тие самите треба да влезат кај нивниот шеф и да му кажат дека тој вака веќе не може да продолжи. Со тоа ќе дадат свој допринес за спас од неронизмот на нивниот лидер, но и ќе се стекнат со кредибилитет да бидат на чело на реформите на таа партија кои сигурно дека брзо ќе се случат. Со молчење, не само што ќе тонат заедно со Груевски, туку ќе сносат и лична одговорност. Оти е познато дека страшливците гледаат проблеми во секоја шанса, а храбрите гледаат шанса во секој проблем. А ДПМНЕ е на сигурен пат да го закопа ВМРО.

Албанските партии молчешкум се согласија да се редуцира учеството на нивната платформа во владината програма на Заев, со цел да не дотурат гориво во уништувачката машина на Груевски и Иванов. Ги оставија сами да се борат со ветерниците, но и со целиот свет, доведувајќи ја државата до ниво на светски срам. Тие се впуштени во многу опасна игра која ниту на сто пати посилниот Милошевиќ не му успеел! Наредниве денови ќе се соочуваат со лични санкции, а потоа и мировни сили, оти не смееа да си дозволат конфликт во државата опколена со членки на НАТО. Потоа, ќе следи обвинение за меѓународно злосторство против мирот. Тука можат да се опфатат сите високи партиски функционери, владиниот дел, но и сопствениците, уредниците и новинарите на одделни медиуми.

Извесно е дека сега Груевски битката ја води првенствено поради внатрепартиско преживување, оти чувствува дека во партијата има големи несогласувања околу неговата погубна стратегија која нема ништо заедничко со одбраната на државата, туку на себеси и фамилијата. Тој ја загуби поддршката кај масата, а тоа настојува да го надомести со турбо-фолк шовинизам. Ги користи одделните луѓе од културата, кои во секоја друга држава без исклучок би припаѓале на спротивната страна. Нивната уметничка душа не смее да биде на страна на криминалот, освен ако не се инфектирале од него. Оти, при наши состојби вообичаено е совеста да ја продадете на црн пазар. Но, тогаш заедно со вашиот газда сте дел на екипата која ги сече главните носечки столбови на државата.

Што е целта на Путин?

Во постојните геостратешки позиции, Русија нема никаков друг интерес во Македонија освен да создаде конфликт и по можност да се подели државата. Истото со години го прави и со БиХ. Со таквата поделба Русија веднаш би се испазарила со брзото западно признавање на анексираниот Крим и евентуалното авансирање на статусот на проруските региони во источна Украина – Доњецк, Љубанск итн. Тука Русија би добила укинување на санкциите и би се зачленила во ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) и во Меѓународната агенција за енергетика, кои се од витално значење за неа. Тогаш Русија би ја признала и Косово, и тоа неколку пати го има кажано јавно. Факт е дека од санкциите и големиот пад на цената на нафтата, живеачката во Русија драстично е падната. Оттука,  држи анализата на Фјодор Лукјанов – главен урдник на познатиот руски магазин „Русија во глобалната политка“ кој вели дека – „Погрешно е токму сега кога Русија има свои големи проблеми дека ќе тргне кон Балканот. Тоа што сега евентуално  Русија би можела да го прави таму може да биде само во полза на решавањето на своите горливи проблеми“. Дури и Србија не бара таква помош од Русија. Преобразениот Вук Драшковиќ кој вели дека – спасот на Балканот не е Русија, туку нејзината европеизација.

Водството на ДПМНЕ веднаш треба да го ампутира Груевски

Рационалните луѓе од ДПМНЕ треба да избираат меѓу нормалното и хаотичното, доброто и злото, мирот и конфликтот. Нивниот сегашен лидер целосно им ја уништува партија, а и прави невидена штета на државата. Се со цел да се спаси криминалот. Ги уништува коалиционите капацитети со Албанците. Ги уништува односите со најголемиот соседски пазар (Трифун Костовски). А Албанија веќе подготвува крак од гасоводот ТАП за својот сосед Македонија.

Тука сите кои имаат морал и вера треба да помогнат за да се спасиме од најлошото. За жал видовме верски претставници кои повеќе се крстат пред овдешни лажни богови отколку пред вистинскиот Бог. Детето е вратено и вика пред вратата. Да му ја отвориме вратата. Не е фантазија.