Министерка за култура Ирена Стефоска на вчерашната прес-конференција изјави дека заштитата на културното наследство е врвен приоритет на нејзиниот кабинет и дека макотрпно ќе работи на раскрстување со вандалскиот однос кон нашето наследство „бидејќи таквиот однос кон него, сите нѐ носи во пропаст“.
Како приоритети на министерството се прогласување културно добро во опасност на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, како и анализа за состојбата на спомениците на Народно-ослободителната борба (НОБ). Од надлежните институции министерката побарала детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство. Исто така од Секторот во Министерството побарала да изготват листа на споменици од НОБ, на територијата на целата земја, кои лично ќе ги обиколи за да види во каква состојба се наоѓаат.