Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, се обрати на настан за промоција на Монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“, што се одржа во Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност.
“Клучниот период за македонската државност и за воведувањето на македонскиот службен јазик во нашата денешна македонска држава е Народно-ослободителната борба. Сојузот на борци како организација е живо сведоштво за храброста, истрајноста, за одлучноста и вербата во чекорите по исправниот пат и за прогресивниот дух што води напред.
Овој пристап во реализацијата на стратешките цели е посебно важен денес, кога сме исправени пред современите предизвици на дијалошките маси, за заокружување на современите битки од независноста на државата до денес. Тоа е членство и во Европската Унија, по членството во НАТО. И затоа е важен, но и неопходен овој пристап, во мотивацијата, дека – кога сме одлучно поставени по вистинскиот пат, нема недостижна цел.
Сакам да упатам благодарност и до Сојузот на борците меѓутоа и до координаторот на пратеничката група на СДСМ во Парламентот, на министерката за труд и социјална политика, на заменик министерот за финансии кои што тоа го направија во текот на изминатите денови.
Монографијата е прво сеопфатно дело посветено на Сојузот на борците од Народноослободилената борба и антифашистичката војна во четиридеценискиот период од завршувањето на Втората светска војна и воспоставувањето на македонската државност. И се објавува во годината кога се одбележува 75-годишнина од формирањето на Сојузот на борците.
Владата го поддржа проектот преку програмата на Министерството за култура за 2023 година за музејска дејност, со финансиска поддршка од 450.000 денари (7.317 евра), на барање на Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност. И во план е поддршка за следната година и на други дела посветени на значајни настани од НОБ.
Ги поздравувам заложбите на Музејот на македонската борба за самостојност, којшто денес ја исправа неправдата при неговото формирање – со тоа што богатата музејска граѓа посветена на значењето на Првата светска војна се проширува со музејска поставка за периодот од 1941 -1945 година од Втората светска војна. Тоа е приоритет и во следниот период.
Со поддршката за издавањето на Монографијата, овозможивме и прва соработка помеѓу музејска институција и Сојузот на борци.
Борците од НОБ положија животи во борбата против фашизмот и ги поставија темелите на денешна слободна и самостојна, современа, меѓународно признаена, атлантска Република Северна Македонија, идна членка и во европското семејство на народи и држави. Како што за вас во Втората светска војна немало пречка и сте истрајале во предизвикот да имаме самостојна и независна Република Македонија, така и мојата генерација ќе истрае и ќе имаме европска Македонија. И со почитта и благодарноста што ги покажуваме кон Сојузот на борците, како генерации на денешнината, покажуваме искрена почит и кон хероите и спомените од НОБ. Но, пред сè, дека сме го разбрале и прифатиле нивниот аманет, да стоиме секогаш на вистинската страна на историјата и да ја чуваме и сочуваме нашата Македонија. Сојузот на борци бил, е и ќе биде афирматор на прогресивната македонска идеја.
Уште еднаш, честитки до авторите и до сите вклучени во изработката на Монографијата посветена на Сојузот на борци.