Пронајдени црните кутии на боингот што се урна во Џакарта

Сподели

 

Лоцирани се двете црни кутии од „боингот“ на индонезиска авиокомпанија што се урна во морето во близина на главниот град Џакарта, со 62 лица. Информацијата денеска ја објави безбедносниот одбор на индонезиското Министерство за транспорт, а ја пренесе МИА.

 

„Ја локализиравме позицијата на двете црни кутии“, рече шефот на безбедносниот одбор. Нуркачите ќе почнат да ги бараат и се надевам дека тоа нема да трае долго“, додаде тој.

Претходно, спасувачите извлекоа делови од човечки тела, облека и парчиња метал од површината на водата. Локални рибари и вчера непосредно по несреќата пронашле делови од авионот кои пловеле во водата и тие се испратени на испитување.

Пресвртна точка во потрагата по авионот на компанијата „Сривиџаја ер“ беше кога сонарот од воен брод, вклучен во потрагата, го откри сигналот од локаторот на авионот на местото за кое се верувало дека е место на несреќата.

Сепак, сè уште не е познато ништо за причините за падот на авионот, кој, најверојатно, никој од патниците и членовите на екипажот не го преживеал, пренесува „Асошиејтед прес“ (АП).

Во авионот имало 62 лица, од кои седум деца и три бебиња. Шестмина биле членови на екипажот.

Авионот „боинг 737-500“, на компанијата „Сривиџаја ер“, вчера непосредно по полетувањето во 7 часот и 40 минути, паднал во морето откако нагло ја изгубил висината и набргу по полетувањето од индонезиската престолнина го загубил контактот со контролата на летање и исчезнал од радарите. Станувало збор за домашен лет од Џакарта за Понтијанак.