Во директен разговор помеѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ договорено е Србија да и даде на нашата земја 8.000 вакцини од производителот Фајзер.
Министрите за здравство на двете земји Венко Филипче и Златибор Лочнар во наредните денови ќе ги договорат деталите околу постапката за испорака на вакцините.
Симбол на оваа здравствена криза е солидарноста, Министерството за здравство изразува благодарност до Република Србија и српскиот народ за овој пријателски чин.
Процесот на директна набавка со истиот производител е во финална фаза. Согласно договорената динамика, во февруари преку Фајзер ќе пристигнат 5.850 дози од вакцината, а по 17.500 дози во март и април.
Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за вакцинација. Клиниката за трансфузиологија отстапи 2 фрижидери на -80 степени за чување на вакцината на Фајзер, а во земјава викендов стигнаа уште два фрижидери на – 80 степени. До крајот на месецот дополнително ќе пристигнат уште три фрижидери за фајзеровата вакцина.
Во месец февруари се очекуваат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за коишто е направена уплата и обезбедена гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози.