Северна Македонија избрана за домаќин на 50.Конференција на Европскиот регион во 2023

Сподели

 

Со огромно мнозинство гласови за поддршка од страна на кандидатите на Конференцијата, кои уследија по промотивната видео презентација за земјата и за нашата полиција, подготвена од страна на МВР специјално за овој повод, за нашата држава веќе започнуваат подготовките идната година да ги собере европските претставници, но и гостите од земјите членки од другите континенти на 50-иот собир на Интерпол што, пак, се поклопува со 30 годишното членство во ИНТЕРПОЛ на нашата земја. Првата честитка по гласањето пристигна од претседателот на Интерпол,  Ахмед Насер Ал Раиси.
 
Официјалната кандидатура на Северна Македонија уследи по средбите кои директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, кој ја предводи делегацијата на МВР, на маргините на Конференцијата ги имаше  со Генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток, како и со Претседавачот на Конференцијата, Шарка Хавранакова, заменик претседател за Европа. 
 
Директорот Тасевски на средбата со Генералниот секретар ги изрази заложбите за продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и ИНТЕРПОЛ, додека Генералниот секретар Шток посочи дека не само кредибилен партнер, туку Северна Македонија претставува регионален лидер за соработка во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста, како мост во Западен Балкан, а поддршката што нашата држава ја дава со директно учество во заедничките операции и во неопходната размена на податоци е особено значајна за глобалната безбедност и за сите 195 земји членки на ИНТЕРПОЛ.
 
На средбата беше потенцирано и вреднувањето на напорите на македонската полиција за отстапениот квалитетен стручен  кадар кој работи на развој на активностите на Интерпол, вклучувајќи го и Генералниот секретаријат.
 
 
Директорот Тасевски нагласи дека во изминатиов период во рамки на БЈБ и МВР на Северна Македонија се направени амбициозни и сериозни реформи, а показателите говорат за намалување на криминалитетот и добри резултати во спречувањето на  шверцот со дрога, оружје, илегалната миграција, криумчарењето на мигранти и корупцијата, а на врвот на агендата за периодот што следи, покрај споменатите, остануваат борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, како и компјутерскиот криминал како современи глобални безбедносни закани. Директорот Тасевски ја искористи средбата да го потврди интересот на државата за организација на највисокиот европски собир на Интерпол, најавувајќи и официјална кандидатура за време на конференцијата.
 
Генералниот секретар изрази желба за интензивирање на идните активности и упати благодарност за подготвеноста на Северна Македонија да биде домаќин на 50. Конференција на Интерпол во 2023, што претставува уште еден показател за целосната посветеност на Северна Македонија во реализацијата на заедничките активности со Интерпол.
 
Претседавачот на Конференцијата, Шарка Хавранакова, заменик претседател за Европа на средбата со директорот Тасевски изрази задоволство од досегашните активности на Република Северна Македонија како земја членка на Интерпол, нотирајќи го интересот на нашата земја за многу заеднички активности, продлабочување на соработката и иницијативата да биде домаќин на собир на Интерпол на највисоко ниво за 2023.
 
Меѓу другото, 49.Конференција на Интерпол за Европскиот регион, покрај Стратегијата 2022-2025, ја донесе и визијата на оваа организација до 2030 година, чија рамка, според генералниот секретар Јирген Шток, е определена од времето на брзи промени како ‘новото нормално за светот’. Имајќи предвид дека околината се менува, технологијата брзо се развива и го обликува светот, кој се базира на комуникации, размена на информации, употреба на вештачка интелигенција, климатски промени, миграции – сето тоа, според Шток, влијае врз креирањето политики на  Интерпол и земјите членки, барајќи брза размена на податоци и прецизен одговор од сите, како суштинска потреба за глобалната безбедност.