Шилегов: Универзална сала нема да се руши, ќе се реконструира

Сподели

 

На седницата на Советот на Град Скопје, градоначалникот Шилегов изјави дека постојниот објект на Универзална сала ќе се реконструира, во сегашниот облик и големина, а средствата треба да се добијат од претстојниот ребаланс на Буџетот на РСМ коj очекува да биде изгласан деновиве.

– Имајќи предвид дека стручната фела се изјасни дека на локацијата на Универзалната сала не е возможно да се изгради објект со поголеми димензии, мојата желба беше да се реконструира Универзалната сала во постојаниот габарит, а да изградиме нова концертна сала на друга локација. Во првиот дел успеавме и сакам да се заблагодарам за разбирањето на Претседателот на Владата и на Министерството за култура, каде се издвојуваат средства со ребалансот на Буџетот во износ од 2 милиона евра, каде по носењето на ребалансот овие средства ќе бидат префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје. Во меѓувреме, ние вршиме проценки и пресметки за веднаш штом ќе ги добиеме средствата да може да ги започнеме постапките за јавни набавки и што е можно побргу да започне реконструкцијата на Универзалната сала. Јас се надевам дека сите постапки ќе се одвиваат брзо за на почетокот на следната концерта сезона, по 6 години, Универзалната сала повторно да биде отворена – рече Шилегов.

Тој додаде дека тука неговите активности нема да застанат и дека досега има одржано повеќе средби со министерката за култура околу плановите за изградба на нова, поголема концертна сала која би ги задоволила потребите на градот.