Сијарто: Груевски законски мина три граници, наши дипломати не го криумчареа

Сподели

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски мораше да мине три граници за да стигне во Унгарија и во сите три случаи го стори тоа во целосна согласност со регулативите, порача унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто на прес конференција денеска во Будимпешта.

Тој рече и дека неговото министерство никако не е поврзано со случајот, имајќи предвид дека телото што го доделило азилот на Груевски не е под контрола на Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија.

– Поранешниот македонски премиер ги покажал своите документи во трите случаи и тие биле соодветно прегледани од властите – рече Сијарто, негирајќи дека  унгарски дипломати се вмешани во каков било „план за криумчарење или бегство“.

– Тие првпат го виделе Груевски во унгарската амбасада во Тирана и тогаш првпат слушнале за неговото барање азил – рече шефот на унгарската дипломатија, велејќи дека не е запознат со некаков таен договор во врска со случајот.

– Дијалогот во врска со ова прашање со Македонија постојано трае – рече Сијарто, напоменувајќи дека е во контакт со својот македонски колега, а исто така и министерот за внатрешни работи Пинтер Шандор е во контакт со македонскиот министер за внатрешни работи.

Сијарто напомена дека и претходно поранешни членови на влади барале и добивале азил.

meta.mk