На 23 и 24 февруари во организација на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и СРЦ „Борис Трајковски“ по втор пат ќе се одржи меѓународен и национален натпревар во уметничко лизгање. На овој престижен спортски настан ќе учествуваат 60 натпреварувачи на возраст од 5 до 25 години. Тие ќе бидат поделени во пет категории: кадети, кадети Б и Ц, млади јуниори, јуниори и сениори. Организаторите очекуваат гости од Србија, Грција, Бугарија, Хрватска и други земји.
Натпреварот ќе биде поделен во два дена. Во петок своите вештини на мразот ќе ги покажат учесниците во интерпретативните категории, додека саботата ќе биде посветена на натпреварувачките категории. Поканети се ISU квалификувани судии од Руската Федерација, Бугарија и Србија. За значењето на натпреварот говрои и фактот што тој ќе се одвива по критериуми и правила стандардизирани од Меѓународната унија на уметничко лизгање (ISU).
Целта на настанот е да се популаризира уметничкото лизгање во Македонија и на тој начин да се поттикнат што е можно повеќе деца и млади да застанат на мразот и да почнат да се занимаваат со овој спорт. Но секако и да се поттикнат младите спортисти кои овој спрот го тренираат веќе 7 годин, во една здрава конкурента средина да ги остварат своите амбиции, а тоа е секако освојување на титулата Нацинален првак во ументичко лизгање.
Со цел натпреварот да биде достапен за сите кои сакаат да уживаат во уметноста на мразот во СРЦ „Борис Трајковски“, влезот и двата дена ќе биде слободен.