Црногорскиот парламент изминатава ноќ го усвои Законот за верските заедници. Ноќеска во Подгорица беше тензично, просрпските опозициски партии во парламентот поднесоа амандмани на законот, кои откако им беа одбиени, започнаа кавга со останатите пратеници и почнаа да ја кршат техниката во собраниската сала.
Членовите на црногорската влада ја напуштија седницата пред инцидентот, додека полицијата интервенираше и ги отстрани од салата пратениците на партијата Демократски фронт.
Претходно во текот на денот, приврзаници на просрпската опозиција протестираа пред парламентот во Подгорица, при што полицијата постави бариери за да спречи влез на опозициските активисти во самиот објект. Во текот на вчерашниот ден припадници на црногорската опозиција и верници на Српската православна црква (СПЦ) поставија блокади на неколку патишта во Црна Гора. Полициските органи успеаја да ги одблокираат патиштата за влез и излез од Подгорица.
Власта и опозицијата имаат различни ставови околу Законот за верските заедници. Црногорскиот премиер Душко Марковиќ нагласи дека пред усвојувањето на законот разговарал со митрополитот црногорско – приморски Амфилохије и ги слушнал неговите ставови. Премиерот Марковиќ посочи дека законот е добар за сите граѓани на Црна Гора и нагласи дека сите верници ќе можат да си ги остварат своите религиозни права.
Црногорската опозиција и СПЦ остро се спротивставуваат на усвоениот закон, бидејќи со него се бара од верските заедници да покажат доказ дека уште пред 1918 година го поседуваат нивниот имот. Законот предвидува сите објекти и земјиште за кои нема докази за правото на сопственост да станат државна сопственост. Со најголем дел од црквите, манастирите и верскиот имот во Црна Гора располага СПЦ.
Тензичната атмосфера во Црна Гора не се очекува да спласне. Тензиите се очекуваат во моментот кога државната власт ќе се обиде да земе под свои раце дел од имотот на СПЦ. Припадници на СПЦ во земјата, како што е никшичкиот владика Јоаникије, веќе ги повика верниците да разговараат со свештениците од своите населени места за да се формираат „одбори за одбрана на црквите и манастирите“.