СДСМ продолжува со заложбата за неселективна правда и правна држава. Основата ја поставија мнозинството пратеници преку изгласаниот Закон за јавно обвинителство.
Законот гарантира независен правосуден систем, но и одговорност и казнивост за сите што прекршиле закон. Тоа е една од основите за напредок на државата кон Европската Унија.
Oгромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Нивната намера да го амнестираат партискиот криминал пропадна.
Не успеа обидот на извршителот Христијан Мицкоски да го спаси од одговорност неговиот шеф Никола Груевски.
Граѓаните со право се незадоволни од состојбите во судството, но и ние во СДСМ сме незадоволни од испорачаното во делот на правдата.
Но, уште еднаш ги уверуваме нашите граѓани дека со Законот за јавно обвинителство се гарантира судски епилог на сите започнати судски процеси, но и случаи отворени од СЈО, кои ќе се водат врз основа на фер и транспарентна постапка.
Зад ова законско решение застанаа и нашите партнери од САД и Европската унија, за што им сме благодарни за поддршката, благодарни за тоа што го препознаа напредокот.
Законот гарантира независни институции. После три децении, политичарите, конечно нема да избираат обвинители, ниту пак да одлучуваат за предмети.
Независноста ќе гарантира професионалност, објективност и неутралност во одлучувањето.
Му овозможуваме на обвинителскиот систем да може да работи растоварен од политички влијанија. Сега тие се на ред, да преземат одговорност.
Не успеа намерата на ВМРО ДПМНЕ да ја загрози правдата и европската иднина на државата.
ВМРО-ДПМНЕ и извршителот Мицкоски остануваат изолирани во одбраната на криминалот, изолирани во дејствувањето против ЕУ и НАТО.
СДСМ, согласно стратешките определби за независно судство и демократско владеење, нема да дозволи било кој, а најмалку Мицкоски да си поигрува со европската иднина.
На сите им е јасно – Ние не застануваме тука, продолжуваме по патот кон Европа. Тие еден чекор назад, ние три чекори напред! – изјави Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ на денешната прес-конференција.