Сопственикот на “Дурмо турс”: Само возачот ја знае вистината

Сподели

 

На денешното судско рочиште за тешката автобуска несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година кај Ласкарци сведочеше првообвинетиот во случајот „Ласкарци“, сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули. Тој пред судот изјави дека на никој начин не придонел за сообраќајната несреќа, објаснувајќи дека не се чувствува виновен за оваа несреќа, пренесува мета.мк.

Белули на судското рочиште рече дека жали за несреќата и чувствува тага, повикувајќи го возачот на автобусот – Мануел Трифуновски како учесник во несреќата да каже што се случило. Сопственикот на „Дурмо турс“ рече дека само возачот ја знае вистината, а другото се претпоставки.

Во однос на работењето на станицата за технички преглед во Гостивар, сопственикот Дурмиш Белули сведочеше дека во ниту еден случај не вршел притисок врз контролорите за да внесат неточни информации во техничкиот преглед на автобускиот возен парк на „Дурмо Турс“. Тој дополни дека во „Дурмо турс“ никогаш не штеделе на делови, масло или нешто друго за автобусите.

Сопственикот Белули на денешното рочиште изјави дека не знаел оти во автобусот има манипулатор, велејќи дека „Дурмо турс“ има само штета од такво нешто.

Инаку, судењето за случајот „Ласкарци“ започна на почетокот на септември 2019 година. Наредното судско рочиште ќе се одржи на 20 април. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули кон крајот на ноември 2019 година беше пуштен да се брани од слобода со гаранција.

Во судскиот процес за несреќата кај Ласкарци се обвинети шест лица, меѓу кои е сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, раководителот на возниот парк на оваа компанија, тројца вработени во станицата за технички преглед во Гостивар и возачот на автобусот што учествуваше во несреќата кај Ласкарци.

Во автобуската несреќа која што се случи на 13 февруари 2019 година животот го загубија 16 лица. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ кој сообраќал на релацијата Скопје-Гостивар излета од автопатот кај селото Ласкарци, предизвикувајќи ја една од најтешките сообраќајни несреќи во историјата на земјава.