Совет на амбасадори: Историјата во одредени фази разделува, иднината мора да обединува,

Сподели

 

Најновите случувања во македонско-бугарските односи, искажаните официјални ставови и реакциите на двете страни ги потврдуваат претходните проценки на Советот на амбасадори дека односите меѓу двете соседни земји повторно се наоѓаат во деликатна фаза. Внатрешно-политичките, регионалните и пошироките меѓународни последици со евентуален континуитет на затегнати односи, и за Скопје и за Софија, можат да бидат мошне сериозни! За РС Македонија влогот се европската перспектива и динамизирањето на домашните повеќеслојни реформски процеси, без кои не можеме да се доближиме до нивото на високите стандарди и критериуми на Европската Унија и на другите развиени демократски општества во светот.

Советот на амбасадори е свесен дека, ако, историјата, во одредени фази разделува, иднината мора да обединува, да нѐ прави, нас соседите, посилни, солидарни и што е најважно, подобри за сопствените граѓани!

Советот нагласува дека историската наука го дала својот збор за состојбите во Македонија  од 1941 -1944 година.Тргнувајќи од тоа и потпирајќи се на несоборливите факти, политиката би требала да се бави само со сегашноста и иднината.Секоја интервенција на минатото може да биде погубна и  погрешно да се истолкува со несогледливи последици.

Советот на амбасадори очекува многу поголемо внимание во јавната комуникација од носителите на највисоките и најодговорните државни и политички функции во двете земји и високо познавање и одговорност во јавните настапи за историските процеси и архивските документи, во што гледаме перспективи за соработка во рамките на големото, развиено и демократско семејство на членките на ЕУ. Во овој контекст уште еднаш нагласуваме дека историските настани  не треба и не може да се прекројуваат, а иднината на која и да е земја, за која нејзините граѓани плебисцитарно се определиле, не смее да се попречува!

Советот на амбасадори верува дека нашиот источен сосед ке ја препознае неминовноста, декларациите, меморандумите и другите документи, да се трансформираат низ постапка со многу посилно изразена политичка волја за солидарност и отворена поддршка на европските перспективи на Република Северна Македонија. Тоа е заеднички интерес и императив за побрз напредок на регионот кон безбеден и стабилен  амбиент.

Советот на амбасадори оценува дека гаранција за стабилен и безбеден амбиент на регионот ќе претставува суштинската поддршка  на Република Северна Македонија од страна на сите земји членки на ЕУ, којашто ќе резултира со одржување на меѓувладината седница ЕУ-МК до крајот на оваа година, со што ќе биде означен почеток на преговорите за наше полноправно членство,  – се наведува во соопштението на Извршниот одбор на Советот на амбасадори.