Спасовски и Ременски се кандидати за министри, Зекири нов член на ЦО на СДСМ

Сподели

Centralen-odbor-SDSM-860x680

Оливер Спасовски и Фросина Ременски се кандидатите на СДСМ за старо-нови министри во привремената Влада за спроведување на изборите на 11 декември, која треба да биде избрана утре во Собранието, едногласно одлучи доцна вечерва Централниот одбор на партијата.

Нема промени ниту во кандидатите за дополнителни заменици-министри. Како и лани, по Договорот од Пржино, кандидат за дополнителен заменик-министер за финансии е Кире Наумов, за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски и кандидат за дополнителен заменик-министер во министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е Љупчо Николовски, соопштија вечерва од СДСМ.

На седницата на Централниот одбор била прифатена и одлуката на Извршниот одбор за одржување на тематски конгрес на партијата за отворање на широк фрон против режимот на Никола Груевски. Конгресот треба да биде одржан кон крајот на овој месец.

Од СДСМ информираат дека на вечерашната седница Централниот одбор едногласно одлучил нејзин нов член да биде Мухамед Зекири, долгогодишен новинар во телевизијата „Алсат М“ и краток период во ТВ „Шења“.

Зекири вчера преку својот фејсбук-профил соопшти дека ја напушта новинарската професија.

На седница, како што се наведува во соопштението, Централниот одбор на СДСМ акламативно ги поздравил „мудрите и успешни политики на претседателот на СДСМ, Зоран Заев и на раководството на партијата во напорите за создавање услови за организација и спроведување регуларни предвремени парламентарни избори во Македонија“.

Заев во своето обраќање ја потенцирал поддршката на граѓаните на членовите и симпатизерите на СДСМ, на опозицијата, на поединци, интелектуалци, граѓанските организации „во чекорите за победа над режимот“.

„Ова е важна мотивирачка сила во сериозната одговорност што ја презеде Социјалдемократскиот сојуз да го предводи процесот на обезбедување економски стабилна и демократска иднина на Република Македонија во интерес на сите граѓани во државата, што ќе се случи по 11 декември“, рекол Заев на седницата, стои во соопштението на СДСМ.